Мицкоски: Ако лидерот не клекне пред следбениците, не ја заслужува нивната доверба

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

ВМРО ДПМНЕ одржа протестен марш и собир во Штип. Пред насобраните граѓани се обрати претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

„Ми велат никогаш не треба лидерот и претседателот, неговите следбеници и следбениците на идејата да го видат на колена. Но јас имам еден одговор на тоа, ако претседателот и лидерот не клекне пред луѓето кои што ја следат каузата и идејата за Република Македонија и за независна Република Македонија тогаш не ја заслужува нивната доверба.

Ви се поклонувам на сите, да сте ми здрави и живи! И да победиме што е можно поскоро!

Браќа и сестри,

Трнлив бил патот на Македонија низ историјата. Секогаш исправана пред предизвици, неправди и апсурди.

Стојам пред вас како пријател, и стојам пред вас како ваш сонародник, човек загрижен за истите работи за кои што и вие сте загрижени. И како пријатели и сонародници, не смееме да имаме тајни меѓу себе, туку отворени срца и добри намери, за заедно да им погледнеме на проблемите во очи, затоа што поприлично ни се насобраа во нашата држава во последнава година и половина.

Но, пред да продолжам, дозволете да истакнам дека за мене претставува огромна чест што сум денес овде, во градот Штип, во чија близина се родиле, престојувале или дејствувале едни од најголемите синови на македонскиот народ: голема почит кон Делчев, голема почит кон Груев, Александров, генералот Михајло Апостолски, Ацо Шопов, првиот премиер на независна Македонија академикот Кљусев, првиот министер за внатрешни работи Мијалков, првиот претседател на независна Македонија Глигоров и многу, многу други. Нема многу места што можат да се пофалат со вакви дејци, и јас ја користам оваа прилика да им ја одадам мојата најдлабока почит, ви благодарам за се што сторивте за нашата татковина.

Иако скромноста не ми дозволува да мерам било што со големината на нивното дело, одлучноста што денес ја гледам на вашите лица ми дава надеж дека во најмала рака можеме да бидеме нивни достојни наследници и ништо повеќе, и ништо помалку, да бидеме нивни достојни наследници.

А, како ќе бидеме, почитувани мои? Ќе бидеме единствено доколку се бориме за Македонија, со чиста мисла, со срце и со мудрост. Ќе беше белким полесно и за Кљусев и за Глигоров доколку се согласеа на се што бараше нашиот јужен сосед во девеесетите, но тие не го направија, а не го направија затоа зошто не дозволија да ја видат сопствената држава понижена, омаловажена и урнисана.

Денес имаме политичар кој тоа го прави и не се срами што тоа го прави. Го имаме Зоран Заев и неговата владина свита. Човек и луѓе кои немаат никаков проблем да зборуваат колку го почитувале минатото, додека мртви – ладни на дело формираат комисија која ќе ни ја ревидира историјата, како обврска која тие си ја преземале во името на сите нас, иако никој не им го дал тоа право. И уште поважно, спроведуваат одредба од договор што Заев и Димитров сами си го потпишаа и најважно од се – спроведуваат одредба од договор кој што воопшто во овој момент не е на сила, само да му се допаднат на Ципрас и Коѕијас, ништо повеќе и ништо помалку!“ рече меѓу другото лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Штип.

Мицковски рече дека ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30-ти септември по своја слободна волја и убедување! Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна, рече тој.

Share.