ТЕРА

REKLAMA???

МИЦКОСКИ: ВЛАДАТА ГО ЗГОЛЕМИ ЈАВНИОТ ДОЛГ ЗА 4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

„Просечниот раст на БДП како резултат на оваа политика која што ја кажува Ковачевски, изминативе шест години од 2017 – 2023 е 1,2%. Или во тотал 10%, кумулативно ако го гледаме целиот период. Просечниот раст во периодот на владите на ВМРО-ДПМНЕ 2007 – 2016 е 3,2% или во тотал 35% кумулативно ако сето тоа го гледаме”, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Дуел за Македонија” на „Само вистина” на Канал 5 телевизија.

„Ајде да зборуваме за платата бидејќи сте економист, Вашиот претходник ми држеше лекции по економија, еве сега претпоставувам и Вие сакате да држите лекции по економија. Ајде да зборуваме за вистинските параметри, а да не зборуваме номинално колку е зголемена платата, туку да видиме колку таа плата вреди реално кога ќе ја вклучиме инфлацијата”, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека во 2006-та година минимална пензија е 65 евра, 2016-та година е 137 евра, а 2023-та е 204 евра. Во периодот од 2006-тата до 2016-та година пензијата е зголемена за 110 евра бруто каде што не е вклучена инфлацијата. А, во 2017-та до 2023-та пензијата е качена за 48 евра. И ако се вклучи инфлацијата реалниот пораст на пензиите во периодот 2006 – 2016 е 72 евра, а во 2017 – 2023 е 10 евра. Седум пати е разликата.

„Оваа Влада го зголеми јавниот долг точно за 4 милијарди евра”, нагласи Мицкоски.

„Криминалот и корупцијата во Македонија се на пандемиски размери и од тие причини довербата во судството и обвинителството е едноцифрена, довербата на граѓаните и се мери со индекс 2-3-4-5%. Тоа не го кажувам јас, тоа го кажува јасно Стејт Департментот во својот извештај, тоа го кажува Европската комисија во својот извештај, тоа го кажуваат германските стопанственици присутни во Македонија во својот извештај и впрочем тоа го кажува бизнис заедницата и на крај основниот суверен тоа се граѓаните преку мерење на јавното мислење”, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Мицкоски истакна дека како идна Влада ќе отворат фронт против криминалот, распуштање на судскиот совет и советот на јавни обвинители се со цел тие да бидат независни тела.

„Прво што ќе направиме е распуштање на судскиот совет и советот на јавни обвинители. Сакаме тоа да биде независно тело, да биде независно од политичарите, од владата, од претседателот, од парламентот. Измени законски со кои обвинителите во апелациските подрачја, судиите ќе си ги изберат своите претставници на директни избори. Владата ќе овозможи независен Буџет и ќе прави набљудување на работата на овие две независни тела”, заклучи Мицкоски.