Мицкоски: Ќе победиме заеднички, сложно и обединето – народот ќе триумфира над неправдата

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг пред Владата на Република Македонија.

– Од ова појасен став нема. Историјата ќе суди кој бил во право. Ова е историски период за сите нас, крстосница на која се наоѓаме во нашето битисување и во нашата историја, се решава прашањето за името. Многумина го очекуваат нашиот став за овој проблем и јас овде пред вас немам друга опција освен да бидам искрен и отворен, рече Мицкоски.

Тој обвини дека разговорите за името се водат тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми.

„Некој кој е власт во земјата си игра до достоинството и го распродава евтино иако е бесценето. Заев кажуваше дека нема промена на Уставот и дека ќе го заштитат идентитетот. Како поминува времето, сега вели дека промената на Уставот не е промена на идентитетот. Се договора промена на името и сите ќе не именуваат со новото име. Ќе се направи непоравлива штета за која ќе нема назад“ рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Скопје.

„ Помина една година во која ненормалното го прикажуваа како нормално. Кога лапсузите и гафовите на Заев станаа вицови и секојдневие, затоа што веројатно за сите нив е исто дали е Словенија или Словачка, дали е брејн дрејн или е брејн сторминг, и ај ќе си рече човек Заев е навикнати сме, но тоа само покажува какви квалитети има овој човек, но најлошо од се е, што кога рече но дискасити фор идентити, сепак сфаќаме дека тој не само што разговарал за идентитетот, туку и си одлучувал од свое име што ќе прави со нешто што не го поседува. Тоа е нешто што е на сите нас, но и на оние пред нас, но и на оние после нас. Ние сме браќа и сестри пред сериозен тест на историјата, на народот, но и пред духот и делото на старите и идните генерации и поколенија.

Некои ќе ме наречат преголем оптимист. Можеби сум тоа, не знам, но знам дека сум борец, мотивиран борец, затоа што мојата земја и мојот народ се во прашање. Јас сум верник и никогаш нема да ја изгубам надежта, затоа што верувам. Верувам во својот народ, верувам во мојата земја. Верувам дека навистина може подобро од ова што е сега. Дека навистина сите вие заслужувате подобро од ова што оваа власт го прави. И затоа ако ме прашате дали ќе победиме? Гордо и со исправена глава, ви велам:Даааа! Македонија ќе победи!

„ Сакам да ви кажам директно, не постојат волшебни решенија, и не постојат магични стапчиња со кои ќе се остварат набрзина нашите замисли. Не постојат. Патот нема да биде ниту краток ниту лесен. Но на крај ќе победиме, Ви ветувам.

Ние работиме посветено на НОВАТА ПРОГРАМА за вас. И тоа ќе биде нашиот патоказ и нешто по што сите вие ќе направите разлика со овие. Нешто со што верувам дека сите вие ќе се гордеете. И да споредите што носи во себе оваа нова генерација на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе споменам само дел од она на што работиме:

  • Ние нема да ветиме поврат на ДДВ, но ќе ветиме помало ДДВ за сите оние артикли кои што се најпотребни за граѓаните во вредност од 2%.
  • Ќе ветиме за сите компании кои што ќе вложат во развој и реално вработувања на луѓе, еден куп даночни олеснувања.
  • Ќе ја укинеме зголемената акциза за дизел горивата. Ќе ја укинеме.
  • Нов лик ќе изградиме на здравството преку масовен пакет на реконструкции, изградба на нови болници, ќе вложуваме во  нов медицински кадар.
  • Директна понуда за вработување на 500 студенти секоја учебна година.
  • Ќе се обврземе да за време на нашиот мандат ги зголемиме за 50 проценти примањата на образовниот кадар.
  • И за 40 проценти пензиите за пензионерите.

За многу кратко време нашата програма ќе биде претставена пред јавноста. Пред вас. И таа програма ќе содржи многу решенија на реални проблеми. На ваши проблеми. Тоа е вистинска програма на една политичка партија. А, не празно слово на хартија. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, и така ВМРО-ДПМНЕ се грижи за своите граѓани.

Јас Христијан Мицкоски стојам овде пред вас со име и со чест и ви велам, ќе победиме. Ќе победиме! Ќе победиме заеднички сложно, и обединето, народот ќе триумфира над неправдата, над темнината, понижувањата и сите тие име и презиме. Запамтете го добро Зоран Заев. 2 јуни е почеток на крајот на ова неславно владеење“ рече Мицкоски.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашниот митинг пред Владата на Република Македонија побара одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.

Share.