Најостро ги осудуваме дезинформациите и невистините кои беа презентирани на прес конференцијата на Ирена Димовска-Митревска од ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола, стои во демантот на МКЦ Битола испратен до медиумите.
„Претседателката на комисијата за интердисциплинарна дејност при Министерството за култура не е и никогаш не била член на Управниот одбор на МКЦ-Битола и не може да има конфликт на интерес за одобреното финансирање на нашиот фестивал Битола отворен град 2024 од Министерството за култура.
Меѓународниот фестивал „Битола отворен град” во организација на МКЦ-Битола е традиционален меѓународен младински уметнички фестивал кој 23 години ја слави алтернативната уметност и урбаната култура, стимулира културен активизам, ја инспирира публиката да биде свесна и отворена за нови прогресивни идеи и придонесува за развој на културниот туризам во Битола.
Изминатите години фестивалот редовно добива поддршка од Министерството за култура во приближно ист или повисок износ од годинешниот, поради својот квалитет и препознатливост како најголем фестивал за урбана култура организиран од граѓанска, непрофитна организација во Битола и во поширокиот регион. Сите настани се на отворено, во директна комуникација со публиката и без наплаќање на влезници. Битола отворен град е симбол по кој луѓето го препознаваат МКЦ-Битола и нема да дозволиме да биде ставен во контекст на дневно-политички манипулации.
Уште повеќе сме зачудени од изнесените невистини, поради фактот што токму Ирена Димовска-Митревска во неколку наврати има настапувано на фестивалот Битола отворен град и многу добро знае за успешната приказна на нашиот фестивал.
За таа цел, бараме јавно извинување за изнесените невистини во иста форма и место или ќе бидеме приморани да ги искористиме правните инструменти за заштита од навреда и клевета“ стои во демантот на битолската МКЦ.












