МКЦ го додели Златниот сертификат за волонтерство за 2021 година

По повод Меѓународниот ден на волонтери 5 -ти декември Младинскиот културен центар од Битола го додели Златниот сертификат за волонтерство за 2021 година. Го доби Планинската спасителна служба при Црвениот крст од Охрид  која годинава реализира 12 спасителни операции за извлекување и помош на повредени лица, 25 асистенции за извлекување на заглавени возила во снег на Галичица, 2 спасителни операции за извлекување на домашни миленичиња, а учествуваше и во гасење на шумскиот пожар на планината Галичица, асистирајќи им на надлежните служби.

Оваа служба е доброволна волонтерска организација која делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Ресен и Поградаец. Во моментов во службата волонтираат петнаесетина спасители обученида делуваат на комплексен технички терен, како и повеќе од 30 волонтери, искусни планинари, обучени за логистика, пребарување и спасување на нетехнички планински терен. Волентери од службата биле вклучени и за помош на лица за време на пандемијата со ковид 19.

Пред присутните денеска од МКЦ од Битола беше промовирана и усвоената Стратегија за промовирање и развој на волонтерството за 2021-2025 година.

„Стратегијата за промоција и развој на волонтерството 2021-2025 година е усвоена од Владата пред неколку месеци. Таа е резултат на двогодишен процес на застапување кој МКЦ Битола го започна во декември 2019 година со организација на Националниот форум за волонтерство. Преку конкретни мерки и активности со извори на финансирање, се очекува Стратегијата да даде позитивен импулс за понатамошен развој на волонтерството и вклучување на повеќе граѓани во волонтерските активности до 2025 година. Предвидени се активности за националана промоција на волонтерството, воведување на волонтерски часови во основните и средните училишта, поддршка за волонтирање на студентите, финансирање на програми и проекти во граѓанските организации кои промовираат волонтирање и работа со волонтери, како и поддршка на локаланата инфраструктура за волонтирање на општинско ниво“, рече Златко Талевски, извршен директор на МКЦ Битола.

Настанот Младинскиот културен центар го реализира во рамките на проектот ROUTE WB6 –на регионаланата програма за прекугранична размена на волонтери под водство на РИКО, а со поддршка на фондови на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Сподели