Младите фудбалери од ФК Пелистер на спортски и едукативен камп на Златибор


Фудбалерите од помладите категории на Битолски Пелистер, Белградски Графичар, Добој Слога, Сараево, Железничар, Горица и Марибор, заедно со триесет тренери, поминаа четири дена на Златибор, учејќи за животните вредности, тренирајќи, поврзувајќи и стекнувајќи пријатели за цел живот.

Од Фудбалскиот клуб Пелистер на овај камп учество зедоа младите фудбалерите родени 2005/6  како и тренерите: Симона Тасева Беделовска, Стела Најдовска, Драган Димитровски, Горан Пашовски, Горан Ганчев, Михајло Корлевски и Ѓоко Илијовски. Малите фудбалери покрај тренинзите имаа прилика да се запознаат и со методите на неформално образование при што научија за важни животни теми како што се здравјето, екологијата, толеранцијата и недискриминацијата и зошто истите се важни, а фудбалските тренери, професори на Факултетот за физичко образование и експерти од областа на човековите права, им ги дадоа сите потребни информации со цел да прераснат во добри и квалитетни луѓе.

„Кампот е дел од проектот „Заедно за поздрава и побезбедна заедница“ поддржан од програмата Еразмус + на Европската унија. Целта на кампот освен што е стекнување на нови знаења и поттикнување на регионалната соработка, солидарност и фер игра, истотака е и можност да се овозможи на голем број на деца бесплатно да присуствуваат на една ваква слободна активност. Дека значењето на кампот е огромно го потврдува и барањето на голем број на деца за наредниот камп да трае најмалку седум дена. Наредниот камп се планира да се одржи во Септември на кој покрај тренерите учество ќе земат и други помлади генерации од ФК Пелистер“, изјави координаторот за Македонија Гордана Цветковска Бошевска.

Сите учесници добија комплет опрема како подарок, а секој тим доби фудбалска топка. Конзорциумот покрај од Македонија обединува и партнери од секторите на млади, образование и спорт и од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Турција.

Амбасадори на проектот се нашиот капитен Горан Пандев, најдобриот стрелец на Србија, Александар Митровиќ и капитенот на БиХ и амбасадорот на УНИЦЕФ, Един Џеко.

Сподели