МНД-Битола го одбележа Денот на основањето – 25 април 1960

0
546

Македонско научно друштво-Битола, денот на основањето 25 април 1960 година го одбележа со промоција на Зборник „Образование на крстопат” на англиски јазик, трудови од 91 автор од Шпанија, Португалија, Полска, Словенија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и од Македонија.

Зборникот е на 312 страници, рецензирани од 24 меѓународни рецензенти и претставува меѓународна научна пубикација, важна за професионалниот развој и кариерно напредување на наставниците на сите нивоа на образование, истакна професорот д-р Деан Илиев, промотор на зборникот.

-Зборникот на трудови покажува дека во Битола и регионов има стручен и научен потенцијал кој може да биде носител на промените во сферата на образованието. Зборникот има импакт врз квалитетот на научните и стручните знаења за образованието, учењето и поучувањето во Република Македонија. Значењето е поголемо поради времето на објавување кое се случува, односно време на промени во образовниот систем во Република Македонија, рече Илиев и нагласи дека Зборникот има и меѓународно значење бидејќи со трудовите на автори од странство се вкрстуваат искуства, практики и решенија за состојбите во образованието во повеќе држави.

Меѓународната научна конференција и зборникот на трудови се поддржани од МАНУ, а наскоро ќе биде промовиран и Зборник со трудови на 202 страници кои беа презентирани на македонски јазик.

На свеченоста по повод  Денот на основањето на МНД-Битола беа претставени три нови редовни членови на МНД-Битола, професорите д-р Зоран Николовски и д-р Виктор Митревски, како и д-р Гоце Ѓоргиев кој живее и работи во Виница.

Според востановената традиција, МНД-Битола додели јавни благодарници, а наградата за научно-образовен придонес во работата на МНД-Битола годинава ја доби професорката Весна Мундишевска Велјановска, главен и одговорен уредник на списанието „Современи дијалози”, чиј издавач е МНД-Битола, а финансиски поддржано од Министерството за култура.