Мобилните како причина за сообрајќајки

0
224

Употребата на мобилен телефон додека возачот управува моторно возило станува причина број еден за одвлекување на вниманието кај возачите, велат од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата . Во Македонија, поточно, 63 отсто од возачите користеле мобилен телефон додека возеле. Младите возачи до 30 години, двапати повеќе користат мобилен телефон додека возат од возачите на возраст над 30 години.

Од РСБСП потенцираат дека користењето мобилен телефон додека возачите управуваат моторно возило е подеднакво опасно, како во населено место, така и надвор од населено место.

„Статистиката покажува дека се поголем број сообраќајни незгоди се случуваат во населено место, а голем број од нив се предизвикани од употреба на мобилен телефон. Во ваквите сообраќајни незгоди најчесто страдаат пешаците и велосипедистите“, се вели во соопштението.
РСБСП апелира до возачите да бидат посветени и внимателни во сообраќајот, да се фокусираат на патот и на случувањата во сообраќајот и да не користат мобилен телефон додека управуваат моторно возило.

На светско ниво, пак, 45 отсто од возачите го користат мобилниот телефон додека возат. Во САД се проценува дека во секој момент во текот на денот шест отсто од возачите користат мобилен телефон додека возат.

Најризична група учесници во сообраќајот се младите возачи, до 25 години и возачите почетници, забележуваат од РСБСП.

„Од 18 до 30 отсто од сите жртви во сообраќајот се млади возачи, иако статистички овој процент опфаќа меѓу девет и 13 отсто од населението. И покрај тоа, студиите за користење мобилен телефон за време на возењето, покажуваат дека младите возачи се група со висок ризик на однесување во сообраќајот, најподложна на одвлечено внимание предизвикано од мобилен телефон поради нивното интензивно користење“, стои во соопштението.

Негативните ефекти од употребата на мобилниот телефон се скоро исти и кај помладите и кај повозрасните возачи, потсетуваат од Советот.

„Кај помладите возачи, проблем е да го прилагодат возењето со новата активност – разговор на мобилен бидејќи немаат искуство во возење, а на повозрасните возачи, проблем им е да го прилагодат возењето со разговорот на мобилниот телефон бидејќи послабо слушаат и/или послабо гледаат“, истакнуваат оттаму.

Инаку, во Македонија употребата на мобилен телефон додека возачот управува моторно возило е спротивно на одредбите на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и се казнува со 40 евра во денарска противвредност или со 25 негативни бода во возачката книшка.