Могерини и Заев оптимисти за спорот за името

0
244
Високата претставничка на Европската унија на денешната прес-конференција со премиерот Зоран Заев рече дека може да се слави половина ден, а потоа да се вратат на работа. Таа ја пофали Македонија за постигнатиот успех и добиената препорака за преговори за ЕУ и е оптимист за спорот со Грција.
Патот кон Европската унија е сличен на видео игра, па кога ќе поминете едно ниво ви престои ново. Ваква споредба направи високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини на попладневната прес-конференција во Скопје.
Зборувајќи на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев и таа ја пофали Македонија за напредокот и добиената чиста препорака. Неколкупати нагласи дека тој резултат е заеднички и на владата и на опозицијата затоа што и двете, како што рече, ги здружија силите и треба да ги здружат и за натамошните идни чекори. Високата европска претставничка рече и оти не мисли дека земјава е под ризик да има различни агенди низ политичкиот спектар.
Завршивте одлична работа и во дијалогот и преговорите со Грција, нагласи Могерини, споменувајќи ги термините лесно и брзо за решението што би било заеднички прифатливо.
„Јас всушност верувам дека и ова ќе бара одреден степен на национално единство и сум сигурна дека вие ќе можете да го гарантирате, а опозицијата исто така ќе може да го гарантира ова заедно со институциите“, рече таа.
Не може да се шпекулира какви одлуки ќе донесат членките на Европската унија во јуни за датумот за почеток на преговори со Македонија, рече Могерини, оставајќи простор да течат преговорите меѓу Македонија и Грција. Таа додаде дека има време кое како што рече двете земји може да го искористат, нарекувајќи се себеси оптимист кога е во прашање Балканот.
„Не можам да влегувам во содржината на ова прашање затоа што станува збор за билатерално прашање и решение и билатерална рамка, но мислам дека Европскиот совет може дефинитивно да донесе позитивна одлука затоа што во спротивно ние не биле дале препорака ако сметавме дека тоа не е така“, рече таа.
И Заев останува оптимист за спорот за името. Премиерот рече дека се на добар пат да го затворат отвореното прашање со Грција, но ако сите вклучени во процесот опстојат на утврдениот пристап за доствоинствено решение за двете страни.
„Јас сум убеден дека ќе добиеме датум за преговори затоа што тоа што досега го имаме постигнато со Грција навистина го гарантира тоа. Ќе бидеме сите среќни ако најдеме решение, а верувам дека тоа е можно“, рече премиерот Зоран Заев.
Вечерта во Скопје Могерини ја завршува со вечера чиј домаќини се таа и Заев, а на неа ќе учествуваат премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Рамуш Харадинај, на Албанија Еди Рама, на Црна Гора Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.
Могерини рече дека, познавајќи го регионот, која и тема да почнела да се зборува на работна вечера ќе се завршела со друга, но нагласи дека е добро да се има редовни состаноци со политичарите од шесте земји од Западниот Балкан.
slobodnaevropa.mk