ТЕРА

REKLAMA???

НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА НОВИНАРОТ ПЕТАР СТАВРЕВ

Наградата за животно делот за 2022 година по повод роденденот на Битола, за новинарот Петар Ставрев. Ова денеска на прес конференција го соопшти градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Предлогот беше на Државниот архив-одделението во Битола.

„Државниот архив е институција која постои 70 години и која го чува националното архивско богатство. Наша цел и задача е да го сочуваме архивскиот материјал денес, за тој да биде историски извор утре. Една од нашите цели и задачи е и презентација и публикување на архивскиот материјал. За таа цел нашите врати се отворени за истражувачи и добро-намерници. Еден од ретките, кој долги години, посветено и темелно истражува во нашите архивски фондови и збирки и кој со задоволство е наш чест гостин е и Петар Ставрев. Од тука почнува нашето заедничко патување со Петар Ставрев чија главна и заедничка цел е зачувување на историските извори за нашата Битола“ стои во предлогот на архивот.

Академици, професори, доктори на науки, познати и признати научни работници, поранешни добитници на 4-то ноемвриската награда, новинари, познати битолчани и еснаф луѓе без резервно застанаа зад предлог на архивот.

Петар Ставрев е просветен работник, новинар, фотограф, фото-репортер, документарист, ТВ – репортер, уредник, автор, хроничар на градот Битола, репрезент на Битола и урбана личност без која не може да се замисли животот на Широк Сокак.

Како новинар во Радио Битола, во Радио Скопје, во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“, а потоа и на Македонската радио телевизија, „Радио телевизија Србија“, ТВ Орбис и ТВ Тера има реализирано неверојатни проекти. Има направено интервју со голем број значајни личности од Битола, Македонија, Балканот и со светски познати ѕвезди.  Но, можеби најзначаен од сите личности кои застанале пред микрофонот на Петар Ставрев е Милтон Манаки. Ставрев го направил последното интервју со Милтон на 18.02.1964 година. Две недели по снимањето на интервјуто Милтон Манаки починал. Како новинар пишувал текстови за многу други весници.

Неговиот придонес за историјата на градот од аспект на фото документирање на настаните, местата и личностите на Битола е непроценливо голем, но за жал недоволно препознаен и признат. Изминатите 60 години Петар Ставрев ги фотографира сите настани во градот.

Автор е на повеќе монографии, каталози, проспекти од кои најзначајни се монографиите посветени на Битола и на Пелистер.  Негови фотографии има во над 100 други публикации и монографии.

Автор е на повеќе од 300 документарни филмови.Тој е вљубеник во музиката. Поседува импресивна колекција од над 15 000 плочи.

Петар Ставрев е планинар кој го има искачено Монт Блан во 1998 година, а ги има искачено и највисоките балкански врвови по неколку пати. Дваесет години со ред, на 2 – ри јануари, без разлика на временските услови, го искачува Пелистер, за да им однесе шише шампањ на вработените во пунктот на МТВ, што е посебен настан и манифестација која тој ја иницира и добива на масовност. Со тој гест тој испраќа пораки на солидарност, поддршка, но и повик до младите да спортуваат и да ја посетуваат природата и планината.

Добитник е на многу награди и признанија. Само во оваа 2022 година, на негова 81 годишна возраст реализираше повеќе проекти.