Наградата за животно дело „Петре Прличко„ за актерот Слободан Степановски

Кралски игри, Сон на летната ноќ, Геноцид, Смртта на трговскиот патник, Лет во место, Минхаузен, Браќа Карамазови, Тестостерон и многу други, се само дел од претставите од кои актерот на Битолскиот театар, реномираниот Слободан Степановски бил дел. На годинешното издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“, тој е добитник на Наградата за животно дело „Петре Прличко.

Таа е за минатата година, кога поради пандемијата на ковид-19 не можеше да му биде врачена.

Наградата се состои од плакетата „Петре Прличко“ и 30.000 денари, што ги доделува Општина Велес. Таа вообичаено се доделуваше на Денот на Општината, 9 Ноември.
„Степановски како тимски играч истрча 43 години долга и пребогата кариера, обележана со дури 90 ролји. Прличковец без дамка и задршка. Голем актер, достоен на небесниот ктитор на оваа награда“, образложи жирито.
Првите актерски чекори ги прави како дел од драмската детска сцена  под водство на Петар Стојковски-Бабец, уште додека бил во основно училиште.

Потоа љубовта кон театарот ја развива како член на Младинската сцена на Народен театар Битола. Се запишува на софиската театарска Академија, за потоа да добие главна улога во „Млади синови“ на Васил Иљоски.

Во неговото театарско портфолио се над 130 ликови изведени на сцената на Битолскиот театар, но и како гостин во претстави на други театри.
Но, своето актерско искуство не го развива само на театарската сцена, тука се и филмовите, Трговецот од Солун, 
Врати, Трето полувреме, Мост, Мугра, Sвездите на 42/та, Годината на мајмунот, Подгревање на вчерашната вечера, телевизиската серија Наши години.
Наградата во Велес ја подигна неговата ќерка, актерката Викторија Степановска-Јанкуловска, исто така наградена на овој фестивал и тоа за најдобра женска улога.

„Денес е реткост да имаш свое јас. Уште поголема реткост е таа големина да биде препозната“, истакна таа во име на нејзиниот татко.

Петре Прличко е  награда за животно дело за актери од средната генерација која се доделува во чест на големиот македонски глумец Петре Прличко. Идејата за доделување на оваа награда е на  Здружението на драмски уметници „Џинот“, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов“ и Општина Велес  и тоа во 2006 тата година, а нејзин прв лауерат беше Благоја Спирковски Џумерко.
Сподели