ТЕРА

REKLAMA???

НАД 200 ЗЕМЈОТРЕСИ РЕГИСТРИРАНИ КАЈ САНТОРИНИ

Над 200 земјотреси биле регистрирани во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос со максимална магнитуда од 4,5 степени, а по новиот состанок во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција беа донесени превентивни мерки за граѓаните, меѓу кои и одлука училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи денеска да останат затворени, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текот на ноќта и рано утрово продолжија умерените земјотреси во близина на Санторини, меѓутоа грчките сеизмолози смируваат и велат дека се следи ситуацијата, додека пак според медиумите во Грција, од синоќа голем е бројот на граѓани кои го напуштаат островот.

Земјотресите во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос не надминуваат 4,4 степени според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, а директорот на институтот Василис Карастатис посочи дека епицентарот на последователните потреси се оддалечува североисточно од Санторини, што според него е позитивно за островот и последиците врз објектите.

Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас утрово уште еднаш истакна дека не постои поврзаност меѓу сеизмичката активност североисточно од Санторини со вулканската активност, објаснувајќи дека на островот се 15 научници и сите дошле до истиот заклучок.

Поради зголемениот број земјотреси во изминатите неколку дена, како што пишуваат грчките медиуми, голем дел од жителите на Санторини, но и посетителите што во моментов се таму, од синоќа го напуштаат островот, за денеска летовите се исполнети и не постојат слободни места, па затоа, грчката авиокомпанија „Ејџијан“, утрово соопштија дека за денеска и утре воведува вкупно три вонредни летови од и кон Санторини.

МИА