Над 6000 посетители на почетокот на Таксират

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Над 6 000 посетители на првите четири вечери од Таксират
Почетокот на Таксират, традиционално стартува со ПИН, првата и единствена меѓународна музичка и шоукејс конференција којa се одржува кај нас, со најмасовна и најиновативна програма во регионот.

ПИН и годинава беше домаќин на повеќе од 200 значајни, актуелни гости, претставници на најголемите европски фестивали, промотори, музички агенти, менаџери, медиуми и професионалци во областа на креативната уметност, од повеќе од 25 земји од светот.

Во тридневна панел програма се презентираа и дискутираа актуелните теми од музичкиот бизнис, се разменија нови сознанија и искуства, но се опфатија и теми кои ја засегаат денешната младината и ѝ даваат поттик да го каже своето мислење, како важен отпор на современото општество.

Таков беше примерот со македонскиот панел „Излажи ме!“, каде се судрија реалните желби на независните иницијативи со крутите формални институции.

Градоначалникот на Скопје беше прашан за инвестирањето во културата, реставрацијата на локали и простори за творење, но и до каде е промоција на градот како европски урбан центар.

На останатите панели и работилници, се отворија и темите за букинг, дигитална промоција, современиот евент менаџмент.

ПИН и годинава имаше одлична филмска програма. Петте филма беа уште една визуелна додадена вредност во славењето на музиката: „Ќеиф“, филмот за македонската традиција на чалгијата, „Мизар – ѕвезда на надежта“ за нивниот пат од гаражен бенд до култни ѕвезди, „Ден да се биде среќен“ – документарец за скопската супер група Културно уметнички работници , „Градот не препознава херои“ за алтернативниот бенд Милко, и животната приказна за легендарниот лидер Туста од Пула, таткото на КУД Идијоти.

На тридневниот музички маратон, настапија 30 музичари од 17 земји од светот, а за прв пат нè посетија и артисти од Израел, Чиле и Аргентина.
На 5 бини, во МКЦ – Скопје, присутните имаа шанса да ги чујат најпотенцијалните музички изведувачи од цела Европа, нови таленти, но и да се забава со добро познати артисти кои творат со децении.

А Funk Shui го преполни МКЦ со насмеани луѓе, кои ги пееја нивните песни и направија вечерта да биде посебно доживување за сите нас. Покрај нив, настапија и Сашко Костов, Machine de Beauvoir, RadioSlam, MAiKA, Ljubičice, SuRealistas, Elektro Hafız, Frank’s White Canvas, Comminor, BACK to BASS, Lionshine, DJ L.T. & Michael Pfeifer.

Денсинг салата за концертот на Смат беше претесна, а истовремено и прегласна од восхитот на публиката. Поради релокација на еден од членовите на бендот, ова беше нивен последен настан во блиска иднина. Освен тоа, никој не остана рамнодушен ниту на останатите млади музички виртуози од Европа и од домашната сцена: The Magnettes, Ette Enaka, The Hypnotunez, MAZ, YUKO, Zulu 3.4., Gute Gute, Kukla, Oscar, Soul Experience, Theodore, Shajzerbiterlemon, Oscar Mic, AhmetJah & Dr. Lokmann.

Сè уште под импресии, и гостите и учесниците, едногласно потврдија дека ова е најуспешното издание на ПИН досега.

Во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа првиот самостоен концерт на ЛД Пистолеро, кој беше распродаден уште пред две недели. Присутните во преполна сала со нетрпение го очекуваа почетокот на концертот, а илјада грла му оддадоа респект на ЛД Пистолеро и пријателите во текот на целата вечер. Ова е уште еден настан за паметење и значаен момент за хип-хоп културата во Македонија.

Мугер Фугер и ГоТра на 5-ти декември ќе настапат во Денсинг салата во МКЦ, на кој ќе ја резимираат нивната десетгодишна соработка со концертна и LP (винил) промоција на музичкиот проект „Во ова време“. Влезот за овој концерт е слободен.

На 6-ти декември во МКЦ ќе се случи и традиционалниот избор на најдобри демо изведувачи – „Лузер Фест“. „Пасворд продакшн“ селектираше осум млади артисти кои ќе настанат во живо со свои авторски песни.

Главната вечер на Таксират 21 ќе се одржи на 7-ми декември во СЦ Борис Трајковски, каде на три бини ќе настапат 15 изведувачи: британските драмендбејс продуценти Chase & Status, хрватските легенди Хладно Пиво, шведските поп ѕвезди Peter Bjorn and John, култните Београдски Синдикат, хрватскиот рапер Војко В, ска-панк бандата Суперхикс, како и етно метал бендот Верка. Втората фестивалска бина ќе биде отстапена на супер-собирот на најголемите трап артисти од домашната и регионална сцена: Клинац, Prince$$ Donatsu, Buntai, Донплеја, Kuku$ Клан, Секси Марса, Бон Праскиза и 30Zona, а годинава има и трет стејџ – сајлент диско

За затворање на Таксират 21, на 8-ми декември во СЦ Борис Трајковски ќе биде задолжен легендарниот техно диџеј, Свен Ват, кој доаѓа ексклузивно од Амстердам за да ја изведе својата магија со целовечерен сет.

Share.