Над 70 хип – хоп имиња на Егзит

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

После низата ударни гитарски бендови и најголеми ѕвезди на електронската музика, ЕГЗИТ ова лето ќе го собере и најголемото хип-хоп племе со доволно имиња да прогласи фестивал за овој музички жанр на тврдината од 4. до 7. јули! Оваа постава ќе ја предводи британскиот крал на римите, раперот и активист Скепта (Skepta), единствениот ем-си кој успеал лондонскиот уличен звук да го популаризира во Америка, што го потврди и со планетарниот мегахит „Praise the Lord”, кој го сними со Ејсап Роки (A$AP Rocky). Меѓу неговите обожаватели јавно се декларираат и голем број познати личности, како што се Мик Џегер, со кој сними заеднички сингл и Дрејк, кој ги истетовира иницијалите на издавачката куќа на Skepta, „Boy Better Know”! Повеќекратниот добитник на „БРИТ“, „БЕТ“, „Меркјури“, „МОБО“ и „Ен-Ем-И“ наградите исклучително го цени и Фарел Вилијамс, кој му го продуцираше хит албумот „Konnichiwa”, како и Наоми Кембел, со која беше во врска. Од британскиот остров доаѓа и феноменалната Ај-Ем-Ди-Ди-Би (IAMDDB), која моќниот „Би-би-си“ ја смести на листата на изведувачи чиј звук ја одбележа минатата година, додека нејзините трап-џез бенгери „Shade“, „Drippy“ и „Kurr£ncy“, денес се неизоставни на најдобрите хип-хоп и аренби журки. За големото неделно финале на главната бина ќе се погрижи беспрекорниот Дизајнер (Desiigner), творец на најзаразната хип-хоп песна во оваа деценија, „Panda“, која стигна на самиот врв на американските топ листи и до денес изброја дури 1,3 милијарди прегледи на Јутјуб!

И оваа година, во духот на своето име, сите жанрови ќе ги помеша култната „Адико Фјужн“ бина, а на неа доаѓаат балканската рап кралица Сајси Ем-Си (Sajsi MC) и неповторливото раперско трио Бед Копи (Bad Copy)! Своевидниот хип-хоп фестивал во фестивалот низ сите четири ноќи на ЕГЗИТ ќе се прошири и на „Кокта Битс“ бината, нова задолжителна дестинација за сите рап фанови, која од оваа година ќе има само изведувачи од овој жанр! Нејзиниот ударен тим го предводат моментално најголемите регионални хип-хоп ѕвезди меѓу кои како претставници на македонската сцена ќе настапат Ајри Скреч и Шорти Пи (Irie Scratch & Shorty P), но и  Војко В и Крешо Бенгалка, популарните регионални состави Aтлас Еротика, Бекфлеш, Бунтаи, Хејз, Хај5, И.Н.Д.И.Г.О, Кранкшвестер и 30Зона, но и новите таленти Клинац и Елон, чија ѕвездена кариера е и повеќе од извесна. Најголемиот генг на тврдината ќе ги собере и најпопуларните диџејски колективи и мајстори зад микс пултот, Ватра, Кејк Бојс (Cake Boys), ФАМ, Бајко Феликс, Диџеј Лаки и Диџеј Рокам, Палас (Palace), Траплес (Traples), Лука Браси, ПЛИЗ (PLYZ), Њу Вејв (New Wave), Ин Да Клаб (In Da Klub), Трепај или крепај, Васке, Јунг Рош (Yung Rosh), Зимски и Лил Јунг (Lil Yung)!

Влезниците за ЕГЗИТ можат да се набават преку МкТикетс во Македонија, официјалната страница exitfest.org, а на сајтот на официјалната туристичка агенција на фестивалот EXIT Trip, во продажба се и туристичките пакети кои опфаќаат влезница, сместување и превоз.

Share.