Во руски ракетни и артилериски напади погодени се градови и области во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје, соопштија денеска украинските власти.
Гувернерот на Днепропетровската област Валентин Резниченко изјави дека поради силните ракетни напади во текот на ноќта, делови од Никопол останале без електрична енергија.
Во гранатирањето во Марганец (околу 45 илјади жители) оштетени се десет станбени објекти.
Руските вооружени сили соборија украински беспилотно летало над територијата на нуклеарната централа Запорожје, а цел на дронот бил магацин на потрошено нуклеарно гориво, соопштија за РИА Новости во прес-службата на градската управа на Енергодар.
„Припадниците на руските вооружени сили соборија камиказе беспилотно летало на украинската армија, а целта беше складиште со потрошено нуклеарно гориво, за што сведочи траекторијата на леталото“, изјави претставник на локалната администрација.












