Од денеска до среда матичните лекари со протест на работните места ќе го искажат своето незадоволство од тоа што надлежните не ги исполнуваат нивните барања. Овие три дена тие нема да издаваат упати и рецепти и ќе третираат само итни случаи.
Штрајкот е во организација на Здружението на приватните лекари на Република Македонија, а нивното главно барање е зголемување на капитациониот бод, за кој велат дека пет години не е сменет.
Меѓу другите нивни барања се и двојно зголемување на ценовниците за приватни услуги, бришење на дестимулативната скала, електронско здравство, зголемување на буџетите за специјалисти и лаборатории за рурални амбуланти, како и барање да не се затвораат ординации на доктори кои сакаат да продолжат да работат после наполнети 64 години.
„Има случаи дека некои колеги креираат упати за пациенти, но 99 отсто од колегите го почитуваат и поддржуваат протестот. Итните случаи ги препраќаме на доктори специјалисти. Останатите имаа можност да бидат информирани за овој наш протест. Ова што го правиме е за нас докторите, но и за пациентите, оти тие најмногу реагираат на постапката за препишување лекови и упат до специјалисти и на чекањето во чекална додека се завршат формалностите. Токму тоа е едно од нашите барања. Протестираа и просветните работници и лекарите од јавното здравство, така што нашиот протест не е ништо различен од другите“, кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ).
Министерот за здравство, Беким Сали, минатата недела изјави дека не го подржува протестот на матичните лекари, додавајќи дека пациентите не смеат да трпат поради незадоволството на лекарите. Тој повика проблемите да се решаваат преку преговори, потенцирајќи дека вакви промени не можат да се направат во краток рок или под притисок.












