Наскоро промоција на Мајчин јазик на Влатко Стефановски во Македонија

0
475

Македонскиот гитарист Влатко Стефановски, во Белград го промовираше својот најнов албум со наслов Мајчин јазик. Албумот е објавен кон крајот на минатата година за хрватска продуцентска куќа „Кроација рекордс“.

Гостувајќи во емисиии на РТС, но и на прес конференција пред неговиот концерт во Белград, Стефановски рече дека албумот е снимен и направен за 4 дена, но со материјал кој го собирал и складирал во својата глава во изминатите 20 години.

Сите песни се со придружба од гитарата и гласот на Влатко Стефановски.

На 17-ти март во Македонската филхармонија гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски ќе има концертна промоција на својот 35 албум во богатата кариера.  Гости на концертот ќе бидат српската етно пејачка Биља Крстиќ и македонската група „Љубојна“.

Меѓу песните на албумот „Мајчин јазик“ се „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Митре“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која е посветена на Стево и на Есма Теодосиевски. Како бонус песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која Стефановски ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна.
На обвивката од албумот има фотографија од неговата мајка.

– Мајка ми Нада е родена во Битола во1927-тата . На насловната на албумот е мојата мајка, односно фотографија од една нејзина театарска улога -истакна Влатко.

– Изминатиов период ми беше многу тежок. Пред една ипол година син ми доживеа сообраќајна несреќа и се повреди многу страшно. За жал, пред неколку месеци почина мојата сакана, драга сопруга со која што поминав триесет и пет години. Тоа е една огромна загуба за мене, една огромна дупка во мојата душа и се обидувам преку музиката да се спасам. Се обидувам свирејќи да го изразам сето она што се случува во мене, и за момент да најдам утеха, иако тоа е многу тешко. Сега се грижам за моите деца, ги решавам нивните проблеми, а кога ќе дојде ред и на мене, ќе решам и некои од моите проблеми-додаде Стефановски.