Наскоро ќе свирни возот кон Грција

0
6312

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заедно со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, денес извршија увид на градежните работи за изградба на железничката пруга Битола – Кременица. Станува збор, за проект од големо значење за Пелагонискиот регион, бидејќи после триесет и две години, со изградбата на пругата во должина од 16 километри, повторно ќе се овозможи железничко поврзување со Грција.

-Извршивме увид на градежните активности кои се одвиваат тука на железничката пруга Битола – Кременица. Станува збор за исклучително важен капитален објект, не само за Општина Битола, туку комплетно и за Пелагонискиот регион, вклучително и за Република Македонија. Јас се надевам дека, изградбата, согласно роковите, како што сум информиран и претходно од изведувачите, ќе бидат испочитувани. Станува збор за проект од 17.2 милиони евра од кои 6 милиони евра се ИПА средства, а 11 милиони евра се од буџетот на Република Македонија. Согласно роковите, очекувам до крајот на ноември месец, овој проект да биде комплетно завршен со цел да направиме поврзување на Пелагонискиот регион до Солунското пристаниште, да го зајакнеме економскиот капацитет на овој регион, вклучително и на ИЗ Жабени, преку овозможување на полесен транспорт на стоки и услуги на сите компании кои ќе бидат во самата зона, изјави Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Градежните активности на железничката пруга Битола-Кременица ги врши австриската компанија Штрабаг

-Овде сме уште на почеток, немавме многу среќа со времето на почетокот на годината, но цврсто се убедени дека ќе ја завршиме работата во предвидениот рок. До крајот на ноември може да очекувате тука да биде сѐ комплетирано. Околу 300 луѓе ќе бидат ангажирани во пикот кога во јули ќе се поставуваат праговите и шините. Цела опрема е тука, некои посебни проблеми нема , ќе ни треба поддршка за енергеткиот дел , рече Златан Ѓуричиќ, директор на „Штрабаг“ за нискоградба во Македонија.

Подобрувањето на сообраќајната инфраструктура, е еден од клучните фактори за обезбедување услови за економско јакнење на регионот:

„Сообраќајна инфраструктура од вакви размери е исклучително значајна за секоја општина. Токму затоа, ценам дека ваквите зафати, всушност се оние кои претставуваат и тоа како добар придонес за она што значи сериозен развој на нашата општина, во следниот период. На Битола ова и недостигаше, на Битола ова и требаше. Убедена сум дека роковите ќе бидат запазени, убедена сум дека Битола во следниот период ќе го добие она што го заслужува: сообраќајна мрежа од секаков аспект за развој на индустриските капацитети, за развој на индустријата воопшто во Битола, но и можност на граѓаните, со тоа да си обезбедат подобра егзистенција”, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Со пругата кон грчка граница се очекува Пелагонискиот регион да се поврзи со Солунското пристаниште.

-Пред два месеца имавме средба со министерот за транспорт на Република Грција и разговаравме за овој дел за железничкото поврзување меѓу Македонија и Грција. Од нивна страна направена е рехабилитација во тој дел и очекуваме дека со завршувањето на овој проект ќе направиме целосно поврзување, рече Сугарески.

Покрај изградбата на оваа пруга, Сугарески рече дека Владата е фокусирана и на изградба на пругата кон Бугарија, а интензивно преговараат за обезбедување финансиски средства и за изградба на пругата кон Албанија.