Национална конференција на градоначалници

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министри во Владата на Република Македонија учествуваше на Конференцијата „Децентрализација: Патот што претстои“, во организација на ЗЕЛС и ОБСЕ.

На конференцијата се отворија важни теми кои се однесуваат на процесот на децентрализација, начините за подигнување на капацитетноста на општините и идните правци на соработка помеѓу централната и локалната власт.

Конференцијата беше отворена со воведни обраќања на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која.

„Владата на Република Македонија за овој краток временски период од 18 месеци ги врати општините и рамномерниот регионален развој високо на својата агенда на приоритети.

Во 2019 година за рамномерен регионален развој издвоивме за 100% повеќе пари во однос на 2017, или за над 50 насто повеќе во однос на 2018 година. Од 3,5 милиони евра во 2017 та година, за наредната година за проекти за рамномерен регионален развој во планските региони и во општините, се обезбедени 7 милиони евра. Наша цел е овие средства континуирано да се зголемуваат се до целосната трансформација и целосното насочување за реализација на Законот за рамномерен регионален развој по кој треба да се обезбедат законските 1% од БДП  со зафаќање од капиталните инвестиции кои што би се распределувале според степенот на развиеност во сите плански региони.

Знаејќи со какви тешки финансиски проблеми и големи долгови се соочуваа најголем дел од општините Владата на Република Македонија со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра вкупен износ на финансиски средства им помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг.

Целта на ваквиот чекор е да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој беше долги години заробен во наталожени долгови и блокирани сметки.

Се работи за еднократна помош, без обврска за враќање во централниот буџет со цел јакнење на капацитети на единиците на локална самоуправа. За да се спречи повторување на ваквата непожелна ситуација се воведе фискално правило со цел да се стават буџетите на општините во една реална рамка на планирање.

Сакам да ве охрабрам од мое име и од име на Владата, а верувам имам прво и од името на Парламентот, сите градоначалници, сектори за финансии и советите да сметате на нашата флексибилност и на нашиот партнерски однос за спроведување на ова ново правило. Знам дека не е лесно да се испроектираат буџетите со ваквото ново фискално правило, но ние остануваме партнер на општините и верувајте дека нема да дозволиме ниту една општина да го закочи својот развој заради ова ново фискално правило. Сите сме согласни дека мора да ставиме ред за да не продолжат да растат ваквите еклатантни долгови којшто во општините ги има. Уште еднаш само напоменувам, долговите на општините беа повеќе од 6 милијарди денари, ако ги ставиме и локалните јавни претпријатија износот е најмалку двократно поголем.

Паралелно се работи на ревидирање на блок дотациите со кои што се финансираат надлежностите во областа на образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита. Во брзо време, со поддршка на Светска банка ќе бидат предложени нови модели на финансирање на овие надлежности, што ќе придонесе за поефективна, поефикасна и одржлива испорака на услугите од страна на општините кон граѓаните.

Она што сакам да го најавам на оваа конференција се големи инвестициски вложувања во локалната инфраструктура и тоа во изградба на локални и регионални патишта, градинки и канализацииона и водоводна инфраструктура, како и основни и средни училишта.

Работиме на тоа и ќе обезбедиме 70 милиони евра од Светска Банка за изградба и реконструкција на локални патишта и 50 милиони евра од Европската инвестициона банка за изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Станува збор за кредитни линии кои ќе станат оперативни уште почетокот на 2019. Во овој процес е важно општините да имаат изработено квалитетни и ревидирани проекти кои ќе ги доставуваат до Министерството за транспорт и врски за да можат да повлекуваат повеќе пари од кредитните линии и да започнат со реализација на проектите. Токму преку овие најсериозни капитални инвестиции во локални патишта, водоводи и канализации, градинките и училиштата имаме намера паралелно со еднократната финансиската помош да ги стабилизираме општините финансиски капацитетно за да може државата да смета на овој сериозен капацитет којшто за жал во Македонија сеуште не е соодветно ниту пак доволно искористен.

Во тек е проект на изградба на канализациони и водоводни мрежи од ЕИБ во висина од 50 милиони евра, од кои остануваат уште меѓу 10 и 12 милиони евра за реализација. Апелирам до општините да ги искористите овие пари. Кредитите не ги враќате вие, Владата, односно државата ќе ги враќа овие кредити и треба да се искористат овие квалитетни средства“, рече премиерот Заев.

Share.