ТЕРА

REKLAMA???

НАЈАВЕН ФЕСТИВАЛОТ НА МУЗИКА ОД СВЕТОТ

Фестивалот на музика од светот започнува на 28 ноември, со уникатниот настан „Волкот на љубовта“ или „Поетска вртелешка“. Овој проект ќе се одржи на новата сцена во Центарот за култура со почеток во 20:00 часот. Настанот ќе понуди поетско-музички интерпретации од Бранислав Николов, музичар, и Тихомир Јанџовски, автор, кои ќе ги изведат најубавите љубовни песни од современата македонска поезија. Дел од програмата се стихови од македонските великани Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски и Радован Павловски.

Вториот дел од вечерта е посветен на авторските песни на изведувачите, дополнети со изведби на некои од најслушаните љубовни песни од македонските фестивали на 20 век, што ја прави вечерта вистинско музичко патување низ времето.

На 29 ноември, во Центарот за култура, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи заеднички концерт со Камерниот оркестар, кој ќе го истражи духот на балканската музика. Специјални гости на овој концерт се кларинетистот Благојче Трајковски, вокалистката Сузана Спасовска, еден од најпознатите вокали во Македонија и актерот Петар Горко. Концертот е дел од проектот на Камерниот оркестар, кој е поддржан од Фестивалот на музиката од светот.

На 30 ноември, сцената ќе ја превземат гости од Франција, ,,Manolo and the Voice of Gipsy Kings”. Публиката може да очекува автентични изведби на песни инспирирани од нивниот препознатлив стил, кој ги слави страста и ритамот на гитарата.

Фестивалот ќе заврши на 1 декември, со концертот „Balkan Music Project “ во Офицерскиот дом во Битола. Овој концерт ќе ги обедини музичките традиции на Балканот преку настап на дувачки квинтети составени од македонски и белградски музичари, членови на Македонската и Белградската филхармонија.

Квинтетот на Македонската филхармонија го сочинуваат Ванчо Аревски, флејта, Татјана Петрушевска, обоа, Константин Кирјанов, кларинет, Марјан Милошевски, фагот и Горан Јанев, хорна. Квинтетот на Белградската филхармонија, пак, е составен од Марина Недановиќ, флејта, Бојан Пешиќ, обоа, Вељко Кленковски, кларинет, Ненад Јанковиќ, фагот и Никола Кириќ, хорна.

„Верувам дека со овој главен дел на програмата ќе понудиме интересен и шаренолик музички викенд во Битола. Со тоа, фестивалот ќе продолжи да ја гради својата историја, носејќи големи имиња и оддавајќи почит кон македонските музичари и креатори во нашата земја.“ – изјави директорката на Центарот за култура во Битола, Маја Андоновска Илијевски.