Најдобрите студенти ќе можат да работат за германска компанија

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Техничкиот факултет во соработка со германската компанија  Neuefeind одржа работилница за студентите и стопанствениците. Присутните имаа можност да слушнат која е компанијата Neuefeind , со што се занимава, како и кога почнала соработката со Техничкиот факултет и што е она што таа го нуди?

– Техничкиот факултет со отсекот за графичко инженерство и дизајн во соработка со германската компанија  Neuefeind  ја организира оваа работилница со цел не само студентите туку и луѓето од индустријата од Битола и пошироко да се запознаат со целта на постоењето на нашата соработка. Првиот дел од работилницата е замислен да биде информативен, да се запознаат присутните за каква компанија станува збор, а вториот дел е стручно наменет за презентација каде што тие ќе зборуваат за нивната експертиза во областа на печатарски форми за флекса печат и она што е најважно стандардизација и контрола на квалитет.Тука е нивната вистинска специјалност, рече проф.др Роберто Пашиќ од Техничкиот факултет од Битола.

-Сакаме да ја презентираме нашата компанија, да го привлечеме вниманието на студентите, бидејќи тие ќе бидат потенцијален кадар кој сакаме во иднина да го вработиме, рече Александар Грозданов, вработен во германската компанија Neuefeind

Компанијата  Neuefeind постои на германскиот пазар веќе 20 години, произведува печатни плочи со висок квалитет и со најсовремена технологија. Со Техничкиот факултет соработуваат веќе една година. Од пред некој ден отворија и канцеларија во Битола.

-Техничкиот факултет е единствениот факултет кој што го има отсекот за графичко инженерство и дизајн , не само на просторите на Македонија туку и пошироко, на север до Белград и на југ до Атина. Немаме конкуренција на ова поле. Главната цел на нашата соработка е да обезбедиме кадри. Нашите најдобри студенти кои ќе покажат врвни резултати во областа на векторската графика се веќе потенцијални работници во германското претставништво на германската фирма во Битола. Веќе со двајца од нашите студенти во завршната година е потпишан договор за работа и се официјално вработени, а сите останати кои ќе покажат добри резултати во векторската графика се потенцијални кандидати за нив, додаде проф.др Роберто Пашиќ.

Во моментот на Техничкиот факултет на отсекот графичко инженерство и дизајн студираат околу 120 студенти.

Share.