Најдовски ја презеде градоначалничката функција во Демир Хисар

Вчера и во општина Демир Хисар  се изврши примопредавање на градоначалничката функција.

Од општината информираат дека досегашниот градоначалник Марјанче Стојановски, првенствено, му посака топло добредојде и му ја честита изборната победа на новоизбраниот градоначалник, Никола Најдовски, со желби за многу успешна работа, просперитет, економски развој на општината и реализација на проекти кои беа започнати и се во тек, но и нови иновативни проекти, со што воглавно се имплементира и една цела програма која ќе се темели исклучиво на потребите на граѓаните.

Стојановски, исто така, изрази една јавна благодарност за досегашната соработка до раководителите на Одделенија во локалната самоуправа, општинската администрација и сите други останати вработени во локалните институции, а, посебно, упати една благодарност до директорите на Јавните претпријатија и Установи под локална самоуправа за одговорното и транспарентно и беспрекорно функционирање во интерес на целокупната општествена заедница.

После официјалниот и свечен чин кога и двајцата потпишаа заеднички формален документ, односно кога се изврши и примопредавањето, новоизбраниот градоначалник, Никола Најдовски, срдечно се заблагодари до сите и истакна дека, одговорно и домаќински ќе ја обавува функцијата – градоначалник и посветено ќе работи во интерес на сите граѓани.

„Се обврзувам на чесна, посветена и транспарентна работа, со цел подобрување на условите за живот во нашата Општина. Заедно за промени, проекти и нови победи“ рече новиот градоначалник Никола Најдовски.
На вториот круг од локалните избори за кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Никола Најдовски гласале 2681 гласач или 49,70 проценти, а за неговиот противканидат Стевче Митревски од СДСМ и Коалицијата гласале 2524 гласачи или 46,79 проценти.

Сподели