„Најсреќниот човек на светот“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска на завршната церемонија на Филмскиот фестивал на словенечки филм во Порторож, освои три награди и тоа наградата за најдобра малцинска копродукција, што ја доби режисерката и копродуцентската куќа „Вертиго“. Филмот ги доби и наградите за најдобра костимографија, за Моника Лорбер, како и за најдобра шминка – за Мојца Горогранц Петрушевска.
Филмот имаше премиера на Филмскиот фестивал во Загреб каде што публиката коментираше дека станува збор за „најдобар филм за босанската војна направен од македонски автор“.

Исто така премиерата ја доживеа и на филмскиот фестивал во Солун.Најсреќниот човек на светот е и помеѓу трите филмови кои се натрпеваруваат за наградата на арапската критика. Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдот. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од искуства.
Во главните улоги се Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ. Филмот се снимаше пет недели во Скопје и една недела во Сараево и истиот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.












