На Грција и промена на името нема да и е доволно

0
576

Маријана Петир, европарламентарка од Хрватска и основачка и шефица на групата „Пријатели на Македонија во Европски парламент“, во интервју за хрватскиот портал „Народ.хр“ ја искритикува Европска унија за оставањето на Македонија на милост и немилост на Грција.

„Пред сè, сметам дека Република Македонија никогаш не требаше да биде доведена во ваква ситуација и ЕУ тука има свој дел од одговорноста, бидејќи по прашањето на Македонија ги покажа сопствената неверодостојност и двојните стандарди и буквално и препушти на Грција да се изживува врз Македонија. Македонија одамна беше подготвена за отворање на преговори, а преговори сè уште не се отворени. Уште повеќе, Македонија беше поподготвена за влез во ЕУ отколку што беа некои земји кога влегуваа во Унијата, сите извештаи за напредокот одново и одново покажуваа напредок, а Македонија и денес е во чекалницата.

Сметам дека токму ова одолговлекување доведе и до политичката криза во земјата со која се соочувавме во минатиот период, а масло на огнот додаде повторното отворање на преговорите за името на државата. Сметам дека Грција треба да ја признае и да ја прифати Македонија под нејзиното уставно име, наместо една суверена земја да уценува друга суверена земја. Со оглед на тоа дека социјалисти се на власт и во Македонија, и во Грција, решија повторно да почнат преговори околу името, што задира во најдлабокото прашање на идентитетот на државата и на народот.

Сега се соочуваме со тоа дека грчкиот народ протестира, бидејќи не само што не прифаќаат Македонија да се вика Македонија, туку не сакаат во името на државата да се спомнува каков било збор кој во својот корен го има зборот ‘Македонија’ во кој било облик, како и сакаат друга суверена држава да ја присилат да го смени својот Устав, што го сметам за недопустливо.