На седницата на Комисијата за финансии и буџет на Советот на Општина Битола се најдоа точките за кварталниот извештај за извршување на буџетот за 2023 година во четвртиот квартал, завршната сметка на општината за 2023 и годишниот извештај за ланската година.
Претставникот од општинската администрација предложи трите точки да се разгледуваат заедно со оглед на тоа што содржат исти податоци.

Лани имало една одлуката за проширување на буџетот и три ребаланси, беа претставени приходите и расходите во детали, за што, како и колку се трошело. Но, листата беше долга, па падна предлог да се оди на прашања.
И се премина на неколку прашања. Илиевска, со како што рече техничко прашање до Талевска како раководител на сектор. До неа од министерството за финансии на 20 февруари пристигнало писмо каде е напоменато што смее, а што не смее да се донесува како одлуки во време на избори.
Благица Талевска, раководителот на секторот за финансии кажа дека и до администарцијата е пристигнато тоа известување.
Со ова Илиевска се чини дека одговара на она што е најавено за утрешната седница дека со дополнителни точки Коњановски ќе го дополнува дневниот ред, а како што вели забрането е носење на одлуки кои имаат финансиски импликации.

И следното прашање не беше за извршувањето на буџетот во приходниот и расходниот дел, туку за реченица која била напишана, односно се бараше одговор кој ја напишал.

Имаше уште неколку прашања за пари од репрезентациите и за ФК Пелистер.
За кварталниот извештај имаше тројца воздржани членови од комисијата, истото беше и за завршната сметка и годишната програма.
Инаку оваа комисија има пет члена, но на неа не беа вчера советниците од ВМРО ДПМНЕ.
Советот мора да биде функционален и во служба на граѓаните, а тоа ВМРО ДПМНЕ не го препознава кај новото мнозинство, така напишаа вчера.
„Само со присуство на комисии на кои вработените од општинската администрација се ставаат на тапет и навредуваат од страна на советниците од СДС во улога на обвинители нема да донесат напредок на градот. СДС, ПОИНАКУ, ЛЕВИЦА и ДУИ без никакво образложение ги кочат проектите за кои има општ консензус во јавноста го кочат развојот на градот“ стои меѓу другото во реакцијата на ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола.
Ако вчерашното гласање на комисијата се преслика и на пленарната седница, значи ли тоа пат кон распуштање на Советот е прашање на кое одговорот ќе биде познат утре на самата седница.











