На меѓународниот пијано натпревар, наградата од Општина Битола за Николај од Охрид

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Изминатиот викенд во Битола се одржа првото издание на меѓународниот натпревар во пијано „Пијанофест 2019“.  Околу 80 натпреварувачи од Албанија, Бугарија, Косово и од нашата земја се натпреваруваа во неколку категории и тоа: пет категории во пијано соло, три категории пијано дуо и две категории пијано теоретичари.

Жири комисијата во состав Елена Дикова од Бугарија, Надежда Породини Јоле од Албанија и Јана Четелева Белевска од Македонија, им додели максимални 100 поени на 11 учесници во различни категории.

Наградата од Општина Битола, која се состоеше од плакета и парична вредност, му беше доделена на Николај Петкоски од Охрид, кој се натпреваруваше во прва категорија, со освоени 100 поени и прво место.

Наградата ја додели советничката во Советот на Општина Битола Виолета Дракалска, која истакна дека Битола е препознатлива како град на клавирите и затоа упати честитки до двете професорки по пијано од Државното музичко училиште во Битола Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска, на чија иницијатива за прв пат се одржа ова меѓународно натпреварување.

Дракалска посака ова да е само почеток на уште една нова, но успешна приказна за Битола, која ќе го претставува градот и ќе го популаризира, не само во домашни, туку и во светски рамки.

Share.