ТЕРА

REKLAMA???

НА ЧЕРНОДРИНСКИ ВО ПРИЛЕП НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗА ПЕТАР МИРЧЕВСКИ

Синоќа во Прилеп беше отворено 57-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински” , а на него беа прогласени и добитници на наградата за животно дело, доајените на македонската култура, Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Од фестивалот за битилскиот актер Петар Мирчевски велат:

„Она што е заедничко во изведбите на Мирчевски, без разлика дали се на штиците што живот значат или пред камера, е мајсторското „носење на туѓата кожа“ како своја. И жесток и кревок, Мирчевски е еден од ретките актери кој игра со секој атом од своето постоење и гради безвременски ролји кои ги паметат генерации љубители на театарот и филмот не само во Македонија туку и низ целиот регион. Неговата способност дури и во споредните улоги во кои игра на јазик кој не го зборува течно да ги „украде“ симпатиите на гледачите, како што е случајот во турската серија „Збогум Румелија“, е уште една потврда за неговиот вонсериски талент.

По толку искачени уметнички планини, наградата за животно дело е и повеќе од заслужена. Сепак, познавачите на кариерата на Петар Мирчевски, освен што ќе му честитаат за достигнувањето, ќе го прашаат и на што работи во моментот. Оти, за актер од неуморниот ков на Мирчевски, постојано има нови врвови за освојување“.