Невреме проследено со град  го погоди ресенскиот регион

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Силно невреме проследено со обилен пороен дожд, град, електрични празнења и засилен ветер вчера попладне го погоди Ресенскиот регион. Ресенчани преку социјалните мрежи споделуваат фотографии од тоа како изгледаше Ресен за време на врнежите.

Поројниот дожд и врнежите град во Ресенско предизвикале најголеми штети врз земјоделските посеви во селото Јанковец, како и во делови од селата Златари и Сопотско, соопшти Министерството за земјоделство.

Претставници на Министерството и на локалните власти ќе извршат увид на терен, а проценките ќе ги врши Комисијата формирана во месец мај од Општина Ресен. Рокот за нејзиното делување ќе биде продолжен и дефиниран во зависност од настанатите штети и површината што е опфатена.

По завршување на проценката, ќе следува постапка за обесштетување.

Инаку, во текот на мај и јуни овој регион беше зафатен исто така од невреме проследно со град.

Ресен спаѓа меѓу приоритетните локации во Македонија каде треба да бидат поставени системи за заштита од град. Истите се предвидени за вкупно 181 локација низ Македонија, при што приоритетни места се локациите како Ресен, Преспа, Тиквеш и Струмичко. Процесот за набавка на овие системи, кој веќе е започнат, треба да биде заокружен идната година.

Се работи за автоматизирана опрема, која треба да ги покрие критичните точки. Исплатата најверојатно ќе се реализира на пет или шест години, преку Програмата за рурален развој.

Софистицираните градобијни системи обезбедуваат над 95 проценти заштита на земјоделските посеви.

Асоцијацијата на земјоделци апелира државата да го врати системот на градобијна заштита, со цел земјоделците да се заштитат од големи материјални штети кои настануваат при невреме.

Share.