Не јадете црн дроб од дивеч, има тешки метали

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство,  Зоран Атанасов советува да не се јаде црниот дроб од дивечот затоа што содржи поголема количина тешки метали од дозволеното.

Атанасов информира и дека две ловни друштва пријавиле појава на трихинелоза кај дивечот, а се следат и бруцелозата, птичјиот гирп, африканската и класичната свинска чума, како и беснилото кај лисиците. Веќе се дадени препораки, како да се постапува во случаите со трихинелоза.

„Во црниот дроб на дивечот, посебно кај дивата свиња, дивите птици и зајакот, се утврдени поголеми количини олово, кадмиум и жива поради што се препорачува овој орган да не се консумира. Особено ова важи за ловџиите кај кои, традиционално, по ловот, најпрво се јаде црниот дроб и тоа е вид гоштевање, нивно и на семејството“ -изјави Атанасов.

Се претпоставува дека присуството на тешки метали доаѓа од почвата.

Најголеми отстапувања во присуството на тешки метали во црниот дроб има кај дивечот во реоните на Гевгелија, Велес, Куманово, Прилеп и Струга, додека само лани, во четири случаи се утврдени повеќе тешки метали и во мускулното ткиво.

Трихинелозата, објасни Атанасов, е паразитарно заболување кое може да се пренесе од животните на луѓето. За да се заштити населението, не треба да јаде такво месо. Сепак, термичката обработка на високи температури е еден вид заштита. Препораките се, заловениот дивич да се однесе на испитување.

Share.