Нивото на морето несопирливо расте, во опасност се бројни градови од Шангај до Лондон

0
798

Нивото на морето ќе порасне меѓу 0,7 и 1,2 метри во следните два века дури и доколку владите стават крај на ерата на фосилните горива како што беше ветено со Парискиот договор за климата, соопштија научниците.

Итна акција за намалување на емисиите на штетни гасови би спречила долгорочно зголемување на нивото на морето поттикнато од топењето на мразот од Гренланд до Антарктикот што би можело повторно да ги исцрта бреговите низ целиот свет, објави во магазинот Нејчр комјуникејшнс тимот научници предводен од Матијас Менгел од Институтот за клима во Потсдам.

Зголемувањето на нивото на морето им се заканува на голем број градови од Шангај до Лондон, како и на областите под морското ниво, од Флорида до Бангладеш. Опасноста е голема и за цели нации, вклучувајќи ги Малдивите во Индискиот Океан или Кирибатите во Пацификот.

Во студијата на научниците се наведува дека до 2300 година нивото на морето ќе порасне од 0,7 до 1,2 метри, дури и доколку речиси 200 држави ги спроведат мерките зацртани во Парискиот договор од 2015, со кој се предвидува намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина на нула.

Нивото на океаните неизбежно ќе расте бидејќи индустриските гасови испуштени во атмосферата, кои ја „заробуваат“ топлината, ќе останат во атмосферата и ќе продолжат да ги топлат замрзнатите површини. Покрај тоа, водата со загревањето природно ќе се шири.

„Нивото на морето се сфаќа како некој спор процес околу кој ништо не може да се направи, но следните 30 години ќе бидат многу важни“, изјави Менгел.

Тој предупреди дека владите, кога станува збор за Парискиот договор, засега не работат на исполнување на своите ветувања. Глобалната емисија на јаглерод диоксид, главниот гас со ефект на стаклена градина кој се создава со согорување фосилни горива, по тригодишна стагнација повторно порасна.

mkd.mk