Николовски: Постигната висока откупна цена на тутунот од 217,5 денари за килограм

0
471

Висока просечна откупна цена од 217,5 денари за килограм, зголемени субвенции кои што за прва класа достигнуваат и до 80 денари за килограм и низа мерки кои што ќе придонесат за што пореална исплата на субвенциите на тутунарите. Ова беше темата на трибината на прилепските тутунари со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски што се одржа синоќа во Прилеп.

-Сакаме да ги резимираме резултатите од последната реколта, бидејќи имаме информации што потврдуваат дека е постигната исклучително висока откупна цена на тутунот од 217,5 денари за килограм. Владата на Република Македонија во претходниот период внимателно ја следеше постапката во делот на откупот. Тука сме да ги објавиме и новите политики на Владата во овој дел, но и да ги разгледаме отворените прашања и на транспарентен начин да го продолжиме дијалогот со тутунопроизводителите, рече министерот Николовски.

Владата на Р.Македонија ја донесе новата 5 годишна програма за развој на земјоделието . На владина седница како што рече министерот Николовски биле донесени годишната програма и уредбата , со која што се овозможува исплата на субвенциите за оваа година

– За прва класа 80 денари, за втора класа 70 денари и за трета и четврта класа по 60 денари за килограм. Тоа се неколку милиони евра повеќе пари кои државата ги одделува за ова производство, кои ги враќа назад кон граѓаните. 23.000 семејства егзистираат од ова производство, вредноста на откупениот тутун оваа година е над 80 милиони евра, со субвенции од околу 28 милиони евра, тоа се над 108 милиони евра кои се доход на тутунопроизводителите. За нас како Влада тутунот е стратешка култура која што е извозно ориентирана од која што се обезбедуваат над 100 милиони евра прилив и треба да бидете сигурни дека ќе продолжи оваа политика на субвенционирање, се со цел да ви дадеме силен поттик за квалитетно производство на тутун, а тоа ќе го правиме и со другите земјоделски производи, рече Николовски

Тутунарите побараа зголемување на цените за 30% и намалувањето на разликите на цените по класи во договорите за годинашната реколта, а Николоски им вети дека со измените на Законската регулатива догодина нема да вадат евидентни листови туку директно ќе склучуваат договори со откупувачите.

Министерот Николоски одговарајќи на прашања истакна дека Владата од почетокот на годинава исплатила 20 милиони евра субвенции и рече дека оваа година ќе биде прва во која исплатата ќе се врши по календар и навреме –кога парите им се и најпотребни на земјоделците. Најави зајакнување на капацитетите на Платежната агенција со цел искористување на многу повеќе пари за земјоделците на огласите од ИПАРД програмата.