ТЕРА

REKLAMA???

НИКОЛОВСКИ: ФОРМАЛНО МНОЗИНСТВО ВО СОВЕТОТ НЕМА НИКОЈ

Ќе ја продолжам конзистентноста да бидеме конструктивна опозиција и со нови иницијативи ќе работиме да го подобриме животот на граѓаните во Битола, вели новиот координатор на СДСМ во Советот на Општина Битола, Николовски.

„Ова за мене како млад советник кој има 27 години, кој е прв пат советник претставува огромна одговорност, а воедно и чест да ја предводам советничката група на СДСМ која во изминатите три години покажа дека знае да биде конструктивна опозиција, предложи доста амандмани во овој мандат и како координатор ќе ја продолжам конзистентноста на СДСМ да биде конструктивна опозиција и во овие десет месеци да направи уште многу иницијативи кои ќе го подобрат животот на битолчани“ вели советникот Петар Николовски.

Го прашавме каде е мнозинството дали на левата или десната страна и дали преговарањето за изгласување на одредени точки ќе продолжи. Не пропушти да и забележи на власта дека многу пари се потрошиле, а граѓаните немале подобри услови за живот.

„Во демократско општество секогаш се променливи одлуките и не можеме да зборуваме за тоа дали мнозинството е од левата или десната страна. СДСМ и советниците од нашата партија покажаа дека имаат конзистентен став во изминатите три години. Тој став ќе продолжи. По прашањето околу преговарањето, баш како што кажав сме демократско општество, нормално дека ќе преговараме, природно и здраво е да имаме различни ставови по различни прашања. Сепак фокусот на СДСМ во наредниот период ќе биде се она што е добро, да ја запознае јавноста за изминатите три години дека иако поминаа три години се потрошија 100 милиони евра, но на ниеден начин не е подобрен животот на нашите сограѓани“ вели тој.

И повторно прашавме за мнозинството, вели формално мнозинство нема никој.

„Формално мноинство нема никој, во завосност од тоа какви одлуки се на дневен ред така во демократијата е дозволено различно да се гласа и не гледам ништо спорно во тоа“ вели Николовски.

Збиени се редовите во советничката група, во првите два реда се сместија и мала рокада, новиот седна до стариот.

Ако се знае дека во минатото најжестоки беа кавгите на релацијата Бојкоски со стариот, сега прашањето е дали Николовски го чувствува Бојкоски како најсилен политички противник, бидејќи со него ќе се соочува на говорницата во Советот.

„Не, сите советници имаат свој кредибилитет во овој Совет, сите имаат свое знаење, сите имаат свои идеи, сите сакаат да допринесат за развојот на нашиот град, така што не би издвоел ниту една индивидуа во Советот, сите сме колеги и сите работиме во интерес на граѓаните, некогаш имаме различни ставови, некогаш се грешни мислењата, некогаш се позитивни, така што не би издвоил никој, но како претставник и координатор на најголемата партија во Советот, да“ рече тој.

Ова е изборна година, некои од нив ќе се видат повторно тука, некои ќе си кажат збогум. Како и да е, сега партиските кујни имаа задача да го создаваат мозаикот со 31 лик, а општината пак како што рече ќе направи реконструкцијата на дотраените елементи во оваа сала.