Ниска конкуренција во јавните набавки и на државно и на локално ниво

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

„Зачестено се спроведуваат големи тендери кои не се делат на делови и со тоа се оневозможува конкуренција помеѓу фирмите, односно се доведува во прашање рационалното и ефикасното искористување на средствата“ ова е еден од клучните наоди од објавениот извештај од мониторингот на јавните набавки во земјата за периодот јули-декември 2018 година, како и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите, на Центарот за граѓански комуникации.

Понатаму се вели дека конкуренцијата во јавните набавки во второто полугодие од 2018 година е влошена во однос на првото полугодие. Гледано на годишно ниво, во дури 32% од мониторираните тендери е добиена само една понуда.

Зголемена е примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Во 2018 година се склучени вкупно 596 договори без објавување оглас, во вредност од 33 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од 2017 година.

Продолжува да расте бројот на тендери што се поништени. Во 2018 година, целосно или делумно се поништени 27% од сите постапки за јавни набавки, што претставува раст од 3 процентни поени во однос на претходната година.

Спроведувањето на јавните набавки од локално ниво се карактеризира со истите проблеми како години наназад: ниска конкуренција, многу тендери со по еден понудувач, висок процент на поништени тендери и стари, лоши, практики.

Во 2018 година, фирмите доставиле 695 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки, што претставува зголемување во однос на претходната година за дури 37%.

Најновата анкета меѓу фирмите покажува дека најчест проблем со којшто се соочуваат фирмите во јавните набавки и натаму е “најниската цена” како единствен критериум.

Задоцнетото плаќање падна од втор најчест проблем лани, на осмото место годинава, иако сè уште просечно се чека по 6 месеци и 12 дена за наплата на побарувањата за завршените набавки.

48% од фирмите сметаат дека “секогаш”или “често” има корупција во јавните набавки.

Просечната оценка со која фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава изнесува 2,87, што е незначителен пораст во однос на лани кога оценката беше 2,85.

Мониторингот на јавните набавки се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Share.