Нискоградба чистела по приоритет

0
1092

Битола под снежна покривка.  До 8 часот утрово наврнаа 16 сантиметри снег  а беше измерена температура од – 5 степени. Облачно и студено, со врнежи од снег беше во текот на целиот ден. Според информацијата од УХМР врнежите беа пообилни во претпладневните часови, особено во јужните делови. Попладне врнежите ќе ослабат насекаде. Температурата се движеше во интервал од -4 до 1 сепен.

Снегот ја отвори сезоната и за ЈП „Нискоградба“. На терен излегле со 3 камиони посипачи, 2 камионети, 3 поголеми баѓери со ножеви, 3 помали баѓери и еден трактор. Како што не информира директорот на оваа јавно претпријатие Методи Силјановски, започнале со чистење на улиците уште вчера попладне во 15 часот. Се чистеле улиците од прв и втор приоритет, продолжиле со чистење на приградските населби и пристапите до институциите, како и локалните патишта до селата. До 7 часот утрово употребиле 60 тони сол и 40 метри кубни ризла.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег, додека на Стража поради појава на магла видливоста е намалена до 100 метри, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) во извештајот за состојбата на патиштата во 12 часот.Укината е забраната за движење на тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато и престанува да важи од 12:30 часот.Забрани за тешки товарни возила се уште има на патните правци Крак-Маврово-Дебар, Крак-Стража-Кичево и на планинскиот премин Пресека.АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Според информациите од УХМР и понатаму ќе бидеме под влијание на многу студена и влажна воздушна маса што ќе услови со постудено време со повремен снег. Денес во текот на денот врнежите ќе се префрлат кон исток, каде што ќе бидат поинтензивни. Локални врнежи од снег ќе има и утре претежно во западните делови а краткотраен снег е можен и во ноќта кон среда. До четврток кога ќе има прекин на врнежите температурите ќе бидат значително под просекот за овој период од годината. Најстудено ќе биде во среда и четврток преку ноќта, кога утринската температура на места ќе се спушти и под и -10 степени. Од петок температурите релативно брзо ќе се покачуваат.