Новинари и уредници од најреномираните списанија, портали и емисии од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, кои обработуваат теми со туристичка содржина, денес во Битола снимаат репортажи за големото културно – историско богатство на градот, кое претставува вистинска туристичка атракција на градот, вака општината денеска ги информираше медиумите.
На средбата со Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, новинарите разговараа за туристичките содржини на градот, можностите за развојот на туризмот, активниот културен живот во текот на целата година, како и културните манифестации и фестивали кои го привлекуваат вниманието на потенцијалните туристи.
Присутните новинари, како што велат од општината, воодушевени од градот, најавија инспиративни и атрактивни приказни за Битола, со кои наскоро ќе ја промовираат Битола во регионот, но и пошироко.
Организатор на информативното патување во нашата земја е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.