Нови судски рочишта за „Тенк“ и „Топлик“

0
134

Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови судски рочишта за предметите на СЈО „Тенк“ и „Топлик“.

Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

На претходното рочиште одржано пред два дена, Судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради „ризична бременост“.

Обвинителите на СЈО побараа раздвојување на постапката за Јанкулоска, односно да и се суди одвоено.

На нивното барање се противеше одбраната на Груевски и Поповски, бидејќи според нив Јанкулоска е важна за нивната одбрана.

За предметот на СЈО „Топлик“ осомничени се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажба на градежна парцела во скопско Сопиште.

Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.