Ново транспортно возило за лицата со потешкотии во Битола

Со цел подобрување на условите на граѓаните денес општина Битола го промовираше транспортното возило за лица со потешкотии во движењето. Возилото општината го обезбеди преку форумот на заедниците кои што беа водени, а на кои се детектираа приуритетите на граѓаните. Градоначалничката Петровска потенцираше дека сега лицата со потешкотии во мобилноста нема повеќе да молат за превоз.

„Политиките на оваа локална самоуправа и мене како градоначалник, се во постојан континуитет на подобрување на услугите кон сите граѓани. Во нашите програмски определби стоеше – општина отворена за сите, за подобро услови, за поубав живот за сите. Денес промовираме нова набавка на возило, кое што е во услуга на граѓаните со различни потешкотии, а кои што во минатото имале реални проблеми со траснпортот. Во градот функционира Дневниот центар за лица со потешкотии, па возилото ќе биде наменето за лицата кои тука престојуваат, но и за сите граѓани со потешкотии, кои што ќе имаат потреба за мобилност. Ние сме првата општина која го отвори Регионалниот центар за слепи лица, во кој учествуваат и општините Демир Хисар, Ресен, Новаци и Могила. Општината изврши низа инфраструктурни зафати со кои што ги подобри услугите кон граѓаните со потешкотии во мобилноста во зградата, дури и вработи лице кое што има потешкотии во мобилноста. На овој начин, покажуваме дека нема крај на тоа како можете да ги подобрувате услугите на граѓаните, независно од која категорија се. Посакувам побрзо да излеземе од здравствената криза за да може да се искористат и овие придобивки“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Претседателот на Здружението на слепи лица Битола Стевче Костадиновски истакна дека ова возило во многу голема мерка ќе ја помогне мобилноста на сите категории граѓани со попреченост, за да можат да учествуваат на спортски натпревари, да посетуваат одредени места, па дури и да можат непречено да одат до своите работни места.

Возилото е во висина од над 1,3 милиони денари, а општината го обезбеди во соработка со УНДП и Швајцарската агенција за обнова и развој.

Сподели