Норвешки пратеници го номинираа Трамп за Нобелова награда за мир

0
411

Американскиот претседател Доналд Трамп е номиниран за Нобеловата награда за мир, соопштија вчера двајца норвешки пратеници, а како причина го наведоа историскиот самит со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

„Ова што се случува е историја“, кажа Пер Вили Амундсен за норвешката телевизија НРК.

„Почнат е процес кој може да придонесе на обезбедувањето на светскиот мир на некое време“, додаде пратеникот на норвешката Прогресивна партија кој го номинирал Трамп со својот колега Кристијан Тибринг Гједе.

Група американски народни претставници неодамна открија дека и тие го номинирале Трамп.

Норвешкиот одбор за доелување Нобел претходно годинава објави дека за наградите за 2018 добил 329 номинации, што е втор најголем број во историјата. Одборот оние кои ги предлагаат кандидатите ги советува да не ги откриваат своите предлози, но не постои официјално правило против тоа.

Право на номинации имаат политичари, академици, поранешни добитници, директори на институти за мирвни истражувања и актуелни и идни членови на Одборот.

Минатогодишната награда ја доби ИЦАН, светското здружение за укинување на нуклеарното оружје.