Од печат излезе музичкиот литургиски зборник со невматска нотација „Отца и Сина и Достојно ест“ на Александар Гулевски. Предговорот на зборникот, достапен на македонски, српски, руски и англиски јазик, напишан е од псалтот Никола Попмихајлов, раководител на српскиот византиски хор „Мојсије Петровиќ“ од Белград, кој се јавува и како рецензент на зборникот.
Истиот е отпечатен со благослов на Неговото високопреосвештенство, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор австралиски и новозеландски г. Петар, а во рамките на издавачката дејност на Преспанско-пелагониската православна епархија.

Зборникот содржи четириесет авторски композиции од евхаристискиот канон, компонирани на осум византиски гласа (музички скали) и претставува прво остварување од ваков вид во рамките на автокефалната Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Појавувањето на музичкиот литургиски зборник „Отца и Сина и Достојно ест“ на Александар Гулевски, всушност, ја пополнува празнината од немање на ваков вид музичка литература кај нас од домашен автор, не само во рамките на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, туку и во рамките на македонската црковна музика, воопшто.












