Објавен оглас за нови привремени членови на ДИК

0
186

Оглас за нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) за следните шест месеци е објавен денеска во весниците. Ова ќе биде привремен состав на Комисијата, бидејќи до есен се очекува да биде изготвено новото изборно законодавство, со кое ќе биде опфатен и составот на ДИК.

Одлуката за распишување на огласот Собранието вчера ја достави до Службен весник, а се однесува на избор на претседател, заменик-претседател и петмина членови на Комисијата. Огласот трае осум дена од денот на објавување во Службен весник.

По завршувањето на огласот собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да подготви предлог листа.

Претседателот на Собранието ги известува партиите што освоиле најмногу гласови на последните избори во рок од три дена од денот на приемот на известувањето да му достават предлог за членови на ДИК.

Претседателот на привремениот состав и двајца членови на ДИК ќе треба да го делегира опозицијата, а партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови.

Членовите на ДИК ќе ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.