ТЕРА

REKLAMA???

Одбележан Денот на пијаното во Битола

„Денот на пијаното“ е светски настан, кога во текот на еден цел ден му се посветува внимание на пијаното. Бидејќи клавирот, по правило, има 88 клавиши, настанот се случува токму на 88-от ден од годината. „Ден на пијаното“ е настан за промоција на млади пијанисти, нови звуци, млади и иновативни македонски и странски композитори. Настанот е инициран од германскиот пијанист и композитор Нилс Фрам. Тоа е ден, кој не е посветен само на познатиот уметник од Берлин, туку и на прекрасниот инструмент со клавијатура. На денот на настанот во целиот свет љубителите на пијаното посетуваат и организираатконцерти.

Со ваква тенденција, на 29 март, во Битола, во просториите на Завод и музеј се одржа вториот по ред “ДЕН НА ПИЈАНОТО – Битола” . На овој концерт во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози ПИЈАНО, учествуваа петнаесет млади пијанистички надежи, ученици од Државното музичко училиште од Битола. Како и минатото издание, така и овој пат, на концертот гостуваа и ученици од музичкото училиште “ОРДАН МИХАЈЛОСКИ- ОЦКА” од Прилеп од класите на Проф.Денис Најдоски и Проф.Христина Никоска кои со своите одлични изведби го збогатија овој убав настан. 

На почетокот на концертот, организаторите ја нагласија двојната среќа кој ја чувствуваа при реализацијата на овој концерт. Најпрво радоста што после долгото отсуство од сцена и настапи во живо, ова е прв концерт на кој младите пијанисти повторно настапуваат пред полна сала од која што зрачи позитивна енергија и убава атмосфера која им предизвикува неверојатно чувство на возбуда и среќа а која е од огромно значење за нивниот пијанистички развој.

„Втората причина, секако е прославувањето на овој уникатен празник за нас пијанистите – “Денот на пијаното”. Тоа е ден кој треба да се слави од повеќе причини, но најмногу поради радоста што ја носи прославата за пијаното како еден од најпопуларните и најомилени инструменти кај изведувачите, композиторите и како најважни – кај слушателите“, изјавија од здружението.

Целиот настан заврши со доделување на мали подароци и благодарници за учество на настапувачите, како и желба за што повеќе настани и соработки од овој тип. Настанот беше поддржан од Општина Битола, до која организаторите упатија благодарност.