По повод Меѓународниот ден на згрижувачките семејства и во пресрет на 1-ви Јуни, Денот на згрижувачките семејства во Република Северна Македонија, изминатиот петок Центарот за поддршка на згрижувачки семејства- Битола при ЈУ „Дом за доенчиња и мали деца“- Битола, во соработка со Градоначалникот на Општина Македонски Брод, Жарко Ристески и Центарот за социјална работа од Македонски Брод, организира заедничка средба со згрижувачките семејства за да го одбележи и прослави овој ден и да им изрази огромна почит и благодарност на згрижувачите за нивната големата посветеност во грижата и напорите за создавање на безбедна и сигурна средина за раст, развој и среќна иднина на децата и лицата кои имаат потреба од згрижување.
Во информацијата од средбата велат дека во ова преубаво и питомо место во средишниот дел на Западна Македонија и Поречјето, живеат овие добри луѓе со големо срце.
„Македонски Брод е местото со најголем број на згрижувачки семејства во сооднос со бројот на жители! Место каде секој 120-ти возрасен жител е згрижувач. Македонски Брод кој едноставно дише со згрижувањето е всушност вистинското место, од каде може да се испрати силна и гласна порака до сите други градови и места, до сите луѓе и семејства во нашата држава, да ги отворат своите домови, да ги отворат своите срца, да им подадат рака и да ги прифатат децата кои останале без грижата на нивните родители. За да може секое дете да почувствува и да знае што значи дом, љубов и семејство. За сите деца да имаат среќно и безгрижно детство“ велат од Центарот за поддршка на згрижувачките семејства-Битола.
Затоа, додаваат во информацијата испратена до медиумите, заложбата на згрижувачите од Македонски Брод, на овие прекрасни, добри и хумани луѓе, кои се пример за сите нас, не е значајна само денес, туку е значајна и за иднината. Затоа што овие згрижени деца, денес, утре, ќе носат дел од овие згрижувачи , од нивната добрина и љубов како аманет за човечноста и хуманоста . Тие деца, тие луѓе, утре ќе бидат жив споменик за грижата, љубовта, трудот и напорот на нивните згрижувачи . Тие ќе бидат луѓето кои утре ќе ја даваат љубовта и добрината која ја добиле од нивните згрижувачи , бидејќи само така, грижејќи и помагајќи се взаемно , особено на оние на кои тоа им е потребно, остануваме луѓе.
Центарот за поддршка на згрижувачки семејства-Битола изрази огромна благодарност сите правни и физички лица кои ги помагаат нивните активности и и им го честита Денот на згрижувањето на сите згрижувачки семејства во Република Северна Македонија!












