Денеска со пригодна свеченост во Делчево, во присуство на државниот врв, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, раководството на Министерството за внатрешни работи и гости, се одржа Централната прослава за одбележување на 7 Мај – Денот на македонската полиција.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето поздравно обраќање пред присутните честитајќи го празникот на полицијата истакна дека да се биде полицаец, припадник на Министерството за внатрешни работи е голема чест и огромна одговорност, но и дека доаѓаат времиња во кои просто се очекува од секој припадник на полицијата таа чест и одговорност да ја покажат и докажат повеќе од било кога.

„Ние денес живееме токму во такво време, време кое што од нас бара да бидеме вистински и доследни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој наш граѓанин. Тргнувајќи од фундаменталната премиса на секое демократско општество – дека институциите постојат само и единствено во интерес на граѓаните, независно на нивните лични определби, размислувања, ставови, ние воспоставивме нови и модерни стандарди кои што целосно ќе ја реализираат клучната позиција на институцијата, а тоа е полиција – сервис на граѓаните на Република Северна Македонија“, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека следејќи го доследно пулсот на времето, на регионалните и глобалните политички и безбедносни трендови, но и потребите и очекувањата на граѓаните, од сегашна преспектива можеме слободно да заклучиме дека Министерството за внатрешни работи, сите негови организациони единици во доменот на своето работење веќе се етаблираат не само како сервис и партнер на граѓаните, туку и како респектабилен партнер на надворешен план, активно ангажирани во мноштво регионални и други меѓународни иницијативи, асоцијации и проекти во речиси сите области од безбедносната сфера.

Во духот на вчерашната промоција на монографијата „МВР за граѓаните“ Спасовски истакна:
„ Навистина сум горд на тимот кој изминатите години работеше со мене, со кој успеавме да создадеме многу мостови, дел од нив сосема нови, да воспоставиме билатерални оперативни контакти со голем број на земји, гости на МВР да бидат голем број министри и европски високи претставници, храбро да ги реализираме реформите и промените во МВР за да бидеме дел од единствената европска политика. Многу мои соработници од тој успешен тим заминуваат или се подготвуваат да заминат во пензија. Дозволете ми да им заблагодарам на сите, за искрената, чесна и посветена работа и да изразам уверување дека така и ќе продолжиме – подмладени и во нови успеси!“

На свеченоста беа доделени и плакети за успешно реализирани оперативни акции во МВР, а специјалнa плакетa за посветеност и соработка со МВР во реализирање на заеднички цели, доби Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, додека на министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, од страна на претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Др. Марјан Кицев, му беше врачена плакета за личен придонес во унапредувањето на условите за работа на полицијата и промоција на професионализамот во МВР.

Свежо цвеќе на споменикот во кругот на МВР беше положено од страна на министерот за внатрешни работи г.Оливер Спасовски, државната секретарка при Министерството за внатрешни работи м-р Магдалена Несторовска , директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Сашо Тасевски и заменик директорот на БЈБ Ариф Асани. Цвеќе положија и претставниците на Здружението на бранителите и семејствата на загинатите припадници на МВР, како и претставниците на Македонскиот полициски синдикат.













