Одбиено барањето на Русија за нова истрага за Скрипал

0
129

Русија го изгуби гласањето во глобалната мрежа за забрана на хемиското оружје за нова заедничка истрага во која ќе биде вклучена и Москва, а поврзано со нападот со нервен гас врз поранешниот руски шпион во Британија.

Москва која е обвинета од британската влада дека стои зад нападот побара нова истрага од Организацијата за забрана на хемиското оружје. Како што јавува Ројтерс на состанокот кој денеска се одржа зад затворени врати барањето на Русија го поддржале Кина, Азербејџан, Судан, Алжир и Иран, а 17 членки биле воздржани.

Руската агенција ТАСС исто така јавува дека Русија го загубила гласањето наведувајќи дека Москва бара и отворена седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за ова прашање. Британската делегација го отфрли предлогот на Москва за заедничка истрага за случајот. „Тоа е тактика на пренасочување и за уште повеќе дезинформации кои се дизајнирани со целруските власти да ги избегнат прашањата што треба да ги одговорат”, напиша британската делегација на Твитер за време на средбата.

Во соопштение од ЕУ прочитано за време на средбата се наведува дека Русија треба да одговори на легитимните прашања на Лондон и да започне да соработува со организацијата за забрана на хемиското оружје. Труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен гас во британскиот град Салсбери се случи минатиот месец.

slobodnaevropa.mk