Од Пелагониските општини најмногу возила општина Прилеп, а само едно општина Могила

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили, од кои 2.008 се со набавна вредност од 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат или не доставиле податоци за набавната вредност. Министерствата имаат 2.215 возила вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра.

Од општините во Пелагонија најмногу возила има  општина Прилеп дури 13, а општина Битола 11. Демирхисарската општина има 6 возила, општина Ресен има 5 возила исто колку и општина Новаци, а општина Крушево 4. Само едно возило има општина Могила.

Убедливо најмногу возила поседува МВР – 1.559, односно 70% од возилата на министерствата. Следни се Одбрана со 142 возила и Земјоделство со 108 возила. Кај општините води Град Скопје со 36 возила, следен од Карпош со 16 и Кичево со 14 возила.

И централната и локалната власт најмногу возат Шкоди, Фолксваген и Форд. Сепак, сите пет најскапи возила се Мерцедеси купени од министерствата за внатрешни работи (572.780 евра), за надворешни работи (81.301 евра) и за финансии (76.768 евра), како и општините Свети Николе (77.839 евра) и Кавадарци (70.075 евра).

Просечна цена на купените патнички возила е 16.690 евра кај Владата и 15.051 евра кај општините. Просечна старост на возилата е 12,5 години. Најмлад возен парк имаат министерствата за локална самоуправа и за животна средина, во просек по 8,5 години, додека најстари возила имаат министерствата за правда и за информатичко општество, просечно по 16 години.

Во однос на бројот на возила спрема бројот на вработени, произлегува дека најмалку возила по вработен има Општина Дебар, а најмногу Општина Арачиново. Во Дебар, едно возило опслужува 61 вработен, а во Арачиново само 2 вработени.

Оваа база на податоци содржи 15.870 поединечни податоци за возилата – сопственик, марка и модел на возилото, кога е произведено, а кога е набавено и набавната вредност. Центарот за граѓански комуникации ги обезбеди изворните податоци преку барања за пристап до јавни информации доставени до 97 институции. Беа потребни повеќе од три месеци само за да се приберат информациите. Обработените и процесираните податоци се направени достапни во отворен формат за натамошна употреба. На овој начин се надминува дел од проблемот на ниската транспарентност за имотот на државните институции воопшто.

Загрижува фактот дека од 2645 автомобили, дури за 637, односно за секој четврти автомобил, институциите немаат или не доставуваат податок за набавната вредност. Така, Службата за општи и заеднички работи на Владата, на пример, не достави податоци за вредноста на ниту едно од 113-те патнички возила кои ги поседува, меѓу кои се наоѓаат и 40-те Пасати за потребите на Владата, а според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, секој еден чини по 40.237 евра. Не помогна ниту жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, бидејќи Комисијата веќе со месеци не може да одлучува полноправно бидејќи има само два од петте членови. Жалби се доставени до девет од вкупно 97-те институции вклучени во истражувањето.

Кај општините, податоци за вредноста на возилата не открија Општина Тетово и Општина Сарај.

Инаку, од 2.645-те автомобили, 561 се возила кои на институциите им се донирани или отстапени на користење од друга институција.

Оваа база на податоци е единствен приказ на податоците за дел од имотот на Владата и општините. Република Македонија е меѓу ретките земји во светот во која ниту Владата, ниту граѓаните немаат сумарен увид на сиот имот во сопственост на државата (недвижен, движен, акции и удели во трговски друштва), а со тоа и во сопственост на сите нејзини граѓани.

Оваа база на податоци за патничките возила на Владата, министерствата и општините во Република Македонија во 2018 година е овозможена со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) преку Проектот за граѓанско учество во Македонија.

 

Share.