Од печат излезе книгата „Дидактика за родители“ од проф.Деан Илиев

„Дидактика на родители“ е трета по ред научно-стручна публикација од универзитетскиот професор Деан Илиев. Книгата е во издаваштво на „Европа 92“ Кочани, уредник на книгата е проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска од Педагошкиот факултет – Битола, а рецензенти се проф. Вера Радовиќ од Учителскиот факултет во Белград и проф. д-р Сузана Никодиновска-Банчотовска од Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

„Дидактика за родители“ е прва публикација од овој вид во нашата земја и пошироко, затоа што до сега дидактиката како теорија на учењето и поучувањето била наменета само за реализаторите на воспитно-образовниот процес. Ваквиот наслов и содржина која во основа ги имаат дидактичките прашања и нивните теориски и практични одговори, совети и решенија, во исто време шокира во позитивна смисла, интригира и предизвикува размисла. 

Оваа книга е водилка и упатство за родителите во спознавање на улогата на наставниците, училиштето и државата во развојот на детето, а во исто време се очекува оваа книга кај родителите да развие критички однос кон сопствената улога во училиштето и надвор од него. Во центарот на книгата е родителот, а целта е да се зголеми учеството на родителите во процесот на поучување и учење. Од друга страна, книгата претставува можност искусните наставници да ги освежат своите знаења од дидактиката, да ги откријат иновациите во дидактиката како наука, но и да ги разберат и искористат современите компетенции на родителите како партнери во процесот на поучување. 

Книгата е можност идните наставници да ги прошират дидактичките знаења, да ја прифатат улогата на родителите во поучувањето и учењето, да научат да дизајнираат облици на соработка во поучувањето и учењето и да ги користат на соодветен начин личните, социјалните и професионалните капацитети на родителите при поучувањето. Со оваа книга, ученикот во родителот добива и модел на учење и родител по мерка. „Дидактика за родители“ е создадена врз основа на нова таксономија на цели, за првпат применета во учењето на родителите, а со имплементација на предложените форми за работа се создаваат основи на здружување на родителите во родителски здруженија кои организирано ќе работат на унапредување на развојот на нивните деца. Оваа книга е вовед во создавање на курикулум за родители, нешто што е следен проект на Илиев.

Деан Илиев е доктор на педагошки науки и редовен професор по предмети од областите: Педагогија, Социјална педагогија и Образование на возрасни (Перманентно образование) на Педагошкиот факултет – Битола, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола каде работи од 1999 година. 

Сподели