Првото линеарно зголемување на пензиите премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе биде со септемвриската пензија, кога ќе бидат покачени за 2 500 денари. Второто линеарно зголемување ќе биде во март со нови 2 500 денари.
Премиерот вели дека во моментов во Буџетот нема пари за покачување на пензиите, но со ребалансот на буџетот на кој, како што рече работат со министерката за финансии, а кој треба да биде во средината на јули, ќе се обезбедат пари за линеарно покачување на пензиите.
Според Мицкоски, средства најпрво ќе треба да се обезбедат со ребалансот и тоа 2,5 милијарди денари што е околу 40 милиони евра за тековни пензии.
„Во овој буџет тие пари недостасуваат, се трошеле за работи за кои мислам дека многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот што следи. Уште дополнителни 2,5 милијарди денари се подготвени за ова првично зголемување кое ќе биде во септември за овие три месеци, односно септември, октомври и ноември бидејќи пензиите ќе се исплаќаат во октомври, ноември и декември. Останатите ќе бидат за следната година со нивелирањето во март“, вели Мицкоски.
Со тоа, рече тој, практично нашето ветување за линеарно зголемување на пензиите од 5 000 денари во првата година ќе биде и порано исполнето, не до јуни туку ќе биде до март идната година.












