Онлајн ке биде промовиран зборникот „Конески на 11 јазици”

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (УКИМ) ќе го промовира зборникот „Конески на 11 јазици” – зборник од Првата зимска школа на МСМЈЛК, којашто се одржа на почетокот на годинава и беше прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Во Зборникот се објавени препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови на Конески остварени од странски македонисти – слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа, со што делови од творештвото на Конески коишто претходно не беа преведени на сите овие јазици, сега се објавуваат на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик. Ова е прв зборник на МСМЈЛК во којшто се објавуваат во толкав обем и на толку јазици препеви и преводи од творештвото на Конески остварени во текот на програмските активности на МСМЈЛК. Истовремено, во Зборникот се објавени и текстови со сеќавања за Конески од странски македонисти – академиците Зузана Топољинска, Иван Доровски, Виктор Фридман и Горан Калоѓера.


Промоцијата ќе се одржи виртуелно, на платформата Зум, утре (3 јуни 2021 година), со почеток во 12 часот, а со свечена реч ќе ја отвори ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, по што ќе следи и пригодна реч на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Промотори на Зборникот ќе бидат странските македонисти проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, Република Словенија и проф. д-р Даниела Костадиновиќ од Филолошкиот факултет на Универзитетот во Ниш, Република Србија.

На настанот ќе бидат споделени и искуствата од Првата зимска школа на МСМЈЛК, на Роза Тасевска, којашто го водеше курсот по преведување и на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, којашто го водеше курсот по литература.

Инаку, на Првата зимска школа на МСМЈЛК учествуваа дури 50-тина учесници од 15 земји. Промоцијата на Зборникот од Школата е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ и се организира во рамките на Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

Сподели