Професорот по соло пеење на ФМУ. и оперскиот пејач Иван Наумовски во чест на денот на роденденот на Тоше во емисијата “Карамбол од приказни” ,ја изведе композицијата „Тајно моја“. Ремек делото како што вели Наумовски на Кире Костов го изведе во концертната сала на Факултетот за Музичка уметност, институцијата во која Тоше ги поминуваше неговите студентски денови.
Иван Наумовски, своето знаење го стекнал од најдобрите професори во Виена, а денес го споделува со своите студенти во Скопје. Тој е магистриран оперски пејач на два универзитета: Универзитетот за музичка и сценска дејност (MDW) во Виена, во областа на Уметничката песна и ораториумот, и Универзитетот за уметност во Грац (KUG), во областа на Музичкиот театар.

Доцент е на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија. Во текот на неговата кариера бележи многубројни настапи во Македонија со оркестарот на Македонската Опера и Балет (МОБ) и Македонската Филхармонија. Со соло рецитали и концерти тој редовно настапува на македонските фестивали како што се “Охридско лето”, “Скопско лето”, “ДММ”, “Интерфест”, “Mајски оперски вечери” и “Есенски музички свечености”. Како почесен гостин солист настапува неколкупати со маестро Симон Трпчески, како и со австрискиот реномиран сопран Ева Линд. Во 2015-тата година му е врачена престижната македонска награда “Виртуози” доделена од СОКОМ за најдобар млад уметник во Македонија.












