Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.
– Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2022 година изнесува 73 % (од максимално можни 100 %).
– Во однос на лани, активната транспарентност е подобрена за 10 процентни поени (од 63 % на 73 %).
– Својата активна транспарентност годинава ја подобриле дури 81 % од институциите.
– Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 85 %, а на општините 70 %. За разлика од лани, министерствата се подобриле за 6 процентни поени, а општините за 10.
– Две институции: Министерството за одбрана и Владата имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.
– Три општини се наоѓаат на третата позиција, со високи 97 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност и се воедно лидери меѓу општините: Битола, Валандово и Карпош.
– Меѓу регионите, на првото место изби Југоисточниот Регион (со 84 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 56 % активна транспарентност).
– Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (само 56 % од можни 100 % општините, 82 % од можни 100 % министерствата).
Првото место на листата го делат министерството за одбрана и владата со 100 проценти. Прва од општините е Битола со 97,1 % транспарентност, на осмо место е општина Демир Хисар со 95,7 % транспарентност. Од овој регион на 36 место по транспарентност е општина Прилеп со 82,9 %. Значи во делот на многу добра транспартноста од овој регион се Битола, Демир Хисар и Прилеп. Во групата добра транспарентност со 78,6 % е Македонски Брод на 44 место, Крушево на 47 место со 77,1 %, Могила на 50 место со 76,8 %, Новаци на 66 место со 68,1 %, Ресен на 70 место со 65,7 %.
Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Сепак, постои и законска основа за активната транспарентност на институциите, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.
– На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, општините одговорија во просек за 12 дена (лани за 17 дена), а министерствата одговорија за 16 дена (лани исто така за 16 дена). 93 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена.